Хоџа: Eден месец пред официјалниот почеток на откупот ги презедовме сите чекори согласно законот

пред 3 години

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) ги презеде сите неопходни чекори согласно законските обврски, еден месец пред официјалниот почеток на откупот на тутунот од страна на откупувачите, напиша попладнево министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Арјанит Хоџа на официјалната фејсбук страница на МЗШВ, а во врска, како што стои во објавата, со лажните вести кои кружат на некои сомнителни страници на социјалните мрежи, кои по секоја цена се обидуваат да ја оцрнат мојата работа како министер и ја искривуваат реалноста во врска со моменталната состојба на тутунопроизводителите и откупот на тутунот.

Според Законот, наведува Хоџа, откупот на тутунот почнува од моментот на потврда на примероците (15 ноември) и не подоцна од 15 декември. Соодветно на тоа, некои од компаниите што откупуваат тутун почнаа од 16 ноември и до денес се отворени скоро сите откупни пунктови.

-На местата каде се врши откуп на тутун, има повереници од Сојузот на здруженија на производители на тутун, кои имаат обврска да го штитат интересот на тутунопроизводителите, а во случај тутунопроизводителот да не се согласи со процената на класата на тутун, има право да поднесе приговор, после кој се формира второстепена комисија каде учествуваат 3 члена (еден од откупувачите, еден од производителите и претставник од МЗШВ). Одлуката на оваа комисија е задолжителна и откупувачот на тутун мора да ја почитува. Улогата на МЗШВ е да ја следи целата ситуација и да не дозволи тутунопроизводителите да бидат оштетени во целиот овој процес, додека во однос на цената на тутунот ова е регулирано прашање засновано врз пазарната економија и ние како Министерство не можеме да влијаеме кон приватните компании околу цената на тутунот, но нивна обврска како откупна компанија е да го истакнат ценовникот на јавно место, но и производителите на тутун да се известат за цената, пишува министерот.

Потсетува и дека од буџетот за субвенции околу 30 отсто се наменети за тутунот и тоа за прва класа 80 ден за килограм, за втора класа 70 денари,а за трета класа 60 денари за килограм.

На државно ниво, според договорите, годинава треба да се откупат 23 милиони килограми тутун. Досега се преземени околу 300.000 килограми или околу 1,5 отсто од вкупната количина. Просечната откупна цена е околу 165 денари за килограм.

-Со оглед дека вообичаено, во првите денови од откупот производителите доставуваат тутун со послаб квалитет, во наредниот период се очекува просечната цена да се зголеми. Денеска, до мојот Кабинет пристигна барање за состанок со Иницијативниот одбор на незадоволните производители на тутун од Прилеп. Средбата ќе се одржи утре, во 12 часот, во зградата на Општина Прилеп. МЗШВ е отворена за комуникација со сите засегнати страни и на транспарентен начин ќе одговориме на секое барање за сите прашања што се во надлежност на Министерството за земјоделство, наведува Хоџа.

Scroll to Top