Неделковски јуниор и Неделковски сениор РАСТУРИЈА на Макфест!

пред 4 години

Народните поговорки не се измислени туку-така, секоја има своја тежина, свое значење. Една вели – ’круша под круша паѓа’, а жив доказ за тоа се Неделковски јуниор и сениор, односно синот и таткото Филип и Огнен Неделковски. Кој е Огнен Неделковски веќе знаат и врапчињата на гранка, зашто тој во своето авторско портфолио ги има заведено најубавите стихови и домашни хитови, а Филип е негов син и момче чие време допрва доаѓа. Дека е на вистинскиот пат доволно зборува наградата на неодамнешниот Макфест, која стигна за одличната „Сакам да живеам“ во изведба на Нокаут. „На Макфест како автор на стихови учестувам веќе 31 година. Шест пати ја имам добиено наградата за најдобар текст, имам освојувано и повеќе втори и трети награди, но, на победничкиот пиедестал се имам искачено само два пати. Во 1991 година со словенечката група „Поп дизајн“ за хитот „Дајте ги рацете“ и во 2000 година со песната “Љубов ти е адреса“ во изведба на Андријана Јаневска и Маријан Стојановски. Сите автори знаат колку е тешко да се победи на Макфест… Цел живот сонувам да имам син којшто ќе компонира музика на моите текстови и тој сон ми се оствари. Син ми Филип е дипломиран композитор на факултетот ЕСРА и сега е на постдипломски студии. Веќе пет години тој и јас имаме заеднички композиции на Макфест. Досега наши песни на Макфест испеаја: Ѓорѓи Димитров, Мартина Митревска, Ивона Јовановиќ и Игор Узунов. Сите четири пати, за жал, нашите песни не успеаја да влезат во финалето на Макфест, иако според мое мислење токму таму им беше местото. Како и да е, не се откажавме од мојот омилен фестивал, туку продолживме да работиме и да сонуваме… Песната „Сакам да живеам“ се роди пред три години. Филип ја направи хармонијата и мелодиската линија, а јас во еден здив го напишав текстот. Без да знам, мојата сопруга му ја испратила демо снимката на Пере од Нокаут. Јас мислев дека е се уште рано Филип да компонира за толку големи ѕвезди како што е групата Нокаут. За среќа, целата приказна многу му се допадна на Пере и одлучи да ја сними на новиот албум на Нокаут. Тој направи ситни измени во мелодијата на Филип и песната чекаше да биде снимена. Поминаа две и пол години и од икс причини песната не беше снимена. Филип често ме прашуваше што се случува со песната, а јас му велев да биде стрплив и да чека. Не ни претпоставував колку тоа чекање ќе ни се исплати на крајот… Во меѓувреме, на барање на Пере, јас направив повеќе измени на текстот. Сепак, на Макфест беше изведена песната „Сакам да живеам“ со мојот прв текст, без да биде сменет ниту еден збор. „Сакам да живеам“ е јаготка на шлагот на мојата досегашна соработка со Филип како композитор и многу се радувам на големата наша победа на годинешниот Макфест. Едноставно имавме среќата, сите коцки се поклопија, Пере направи одличен аранжман, Дарко Димитров супер ја заврши својата продуцентска заадача и добивме песна, која го освои жирито на Макфест и која се надевам ќе биде голем хит. Му благодарам на Пере што препозна музички штоф во мелодијата на Филип и што му даде шанса да биде дел од оваа победничка нумера. Се надевам дека истиот тандем ќе создаде уште некое музичко парче за Нокаут“, вели Огнен. Филип, пак, вели дека е многу горд на својот успех, но и на тоа што имал среќа во животот да учи од најдобрите. „Растев покрај пејачи и автори кои доаѓаа во нашиот дом. Постојано слушав демо снимки на кои татко ми правеше текстови. Подоцна тие песни станаа големи хитови. Имав среќа да учам од најдобрите низ животот, но и сега на ЕСРА каде учам од Дарко Мариновски, Александар Трајковски и Љупчко Коскаров. Пресреќен сум за нагрдата. Бескрајно сум им благодарен на Пере и Нокаут за довербата, вели Филип, скромно, но талентирано момче кое своето музичкото образование го почнува во трето одделение и тоа во училиштето Ентерпрајз.

Извор: vecer.mk

Scroll to Top