Алијанса за Албанците и Алтернатива: Полицијата на Оливер Спасовски испровоцира несразмерни инциденти на протестот за „Монструм“

пред 3 години

Денес, кога беше предвидено да се одржи најавениот мирен протест против одлуката на монтираниот процес „Монструм“, полицијата на Оливер Спасовски се погрижи да го спречи овој протест и, дури, со таквото спречување, да провоцира несразмерни инциденти, велат од коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива.

Од таму велат дека и покрај барањето на организаторот, семејството на казнетите во случајот „Монструм“, кои претходно го информирале Министерството за внатрешни работи за организирање на протестот, полицијата со големо засилување со блиндирани возила и специјални единици не им го допушти патот и така ги спречи протестантите да стигнат до нивната дестинација.

„Како што знаеме, секаде во светот протестантите се тие кои го одредуваат местото на одржување на протест и во секоја демократска држава на светот тие, освен информирање на полицијата, немаат никаква друга обврска“, се наведува во соопштението.

Од Алијанса за Албанците и Алтернатива велат дека ова е уште еден доказ дека по падот на режимот Груевски-Ахмети, на повидок е новиот режим Заев-Ахмети.

„Исто како и бандите на Груевски некогаш, така и денес полицијата, на место да биде на страна на граѓаните, таа ги спречи граѓаните во нивното слободно изразување на јавно мислење и на правото за мирен протест. А оваа појава се именува само како диктатура. Ни помалку ни повеќе. За потсетување, вакви сцени денес може да гледаме само во Белорусија, Венецуела и Русија. А дали оваа зборува за нови сојузници на овој режим или пак ова е само вежбање врз грбот на Албанците, тоа треба да го објаснат тие кои ја користат полицијата на народот против народот“, велат од коалицијата.

Од таму велат дека пратениците на коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива денес биле таму за подржување на протестот и без никаква друга претензија. Дури, велат од таму, како што можевме да видиме, тие помагаа во смирување на тензиите, останувајќи таму заедно со народот и со правото на народот.

„Сепак ние сме убедени дека во Северна Македонија сменети се само актерите, додека сценариото и сценаристите остануваат исти. Затоа, како што го уривавме режимот Груевски-Ахмети, ни преостанува да го урнеме и овој режим, бидејќи немаме друг спас од диктатурата“, велат од Алијанса за Албанците и Алтернатива.

Scroll to Top