Алијанса и Алтернатива промовираа кампања за добивање на државјанство

пред 3 години

Коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернативите во Скопје, пред најавениот попис на наслението што треба да се случи на пролет, ја промовираа кампањата и платформата „shtetesia.mk“, чијашто цел, како што посочија од партијата, е граѓаните да го претстават својот проблем за добивање на државјанство.

„Целта на оваа платформа е да соберат информации од граѓани кои се соочуваат со проблем за добивање државјанство, сега веќе 30 години од независноста на Северна Македонија“, истакна Башким Бакиу, раководител на Аналитичкиот центар на Алијансата за Албанците.

Според него Република Северна Македонија ги спречува жителите на нејзината територија да имаат пристап до основните граѓански, политички, економски, културни и социјални права.

„И покрај фактот дека Република Северна Македонија е потписник на важни конвенции преку системот на човекови права на Советот на Европа, како и Универзалната декларација за човекови права на Обединетите нации, кои предвидуваат дека секој има право на државјанство соодветно, на ниту едно лице не треба да му биде одземено правото на државјанство, денес на територијата на земјата има лица кои се законски невидливи, односно лица без државјанство“, додаде тој.

Бакиу додаде дека нивниот политички блок ќе ги собира преку платформата основните податоци од лица без државјанство, за да можат потоа да вршат политички притисок за решавање на овој проблем.

Претседателот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села, изјави дека државјанството е минимална државна обврска кон секој граѓанин на нашата земја и не може да се дозволи државата со банални причини да им го ускратува на граѓаните ова основно човеково право.

Во дискусијата се вклучи и претседателот на Алтернатива, Африм Гаши, кој додаде: „Државата конечно мора да се ослободи од стравот дека расте бројот на една етничка заедница и со тоа да го попречи правото на граѓаните да имаат документ за државјанство“.

Scroll to Top