Билатералните прашања не треба да бидат услов за преговори со ЕУ, смета италијанскиот амбасадор Силвестри

пред 3 години

Билатералните прашања не треба да го условуваат процесот на проширување на ЕУ, вели амбасадорот на Италија во земјава, Андреа Силвестри.

Сивестри во интервју за „Независен“ посочува дека никој не може да го проблематизира фактот дека е донесена одлука да започнат преговорите со ЕУ.
-Одлуката да започнат преговорите за влез на Северна Македонија беше усвоена на Европскиот совет во март 2020 и останува неприкосновен факт што не треба да се доведува во прашање. Во овој контекст Италија смета дека што поскоро треба да се применат преговарачките рамки за Северна Македонија (и за Албанија), свикувајќи меѓувладина конференција, за и официјално да се започне со преговорите. Португалското претседавање прави напори во таа насока, а ние во меѓувреме посакуваме и пред крајот на првата половина од годинава да се создадат услови за едногласно усвојување на тие одлуки, дециден е Силвестри.

Околу толкувањата на историјата, како еден од проблемите на кои инсистира Бугарија во односите со С Македонија, Силвестри вели дека е важно „да се одржува сеќавањето за случувањата и за страдањата предизвикани од Втората светска војна и да продолжи историската дебата – со цел и натаму да се размислува за одговорноста на секоја страна во еден така трагичен конфликт“.

Запрашан дали Италија летово ќе ги отвори границите за нашите туристи, амбасадорот вели дека тоа ќе зависи од новата проценка на ситуацијата, што ќе се направи откако ќе истече рокот за новите рестриктивни мерки.

-Бездруго се надеваме дека ова лето ќе можеме да се вратиме во ситуација на нормалност, и поради тоа што туризмот е еден од најпогодените сектори од кризата. Неодамна имаше влошување на бројките на заразени и нашата влада беше принудена да зголеми еден дел од рестрикциите на внатрешен план, што ќе бидат во сила до 6 април. Потоа ќе се отвори можност за проценка на податоците, благодарение исто така и на тековната кампања за вакцинација (се смета дека на сите граѓани ќе им биде понудена можноста за вакциниција пред крајот на летото), порача Силвестри.

Scroll to Top