Вакцинирани 100 илјади граѓани, две дози примиле над 20 илјади лица

пред 3 години

Масовната вакцинација на населението продолжи и вчера во спортскиот центар Борис Трајковски во Скопје и во останатите шест регионални пункта низ државата. Според Министерството за здравство, вакцинацијата се одвива непречено, а интересот за вакцинирање секојдневно се зголемува.

Преку веб-платформата vakcinacija.mk пријавени се над 256.346 граѓани, а на вакциналните пунктови во државата, заклучно со завчера, се вакцинирани вкупно 84.312 граѓани. Прва доза вакцина завчера примиле 10.135 граѓани, а вкупно се вакцинирале 12.606 граѓани. Во државата вкупно вакцина и ревакцина примиле 104.962 граѓани, а две дози примиле 20.650 граѓани. Со последните бројки, 28 проценти од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина.

Вакцинацијата се спроведува согласно Националниот план за имунизација. Се вакцинираат возрасни лица, граѓани кои искажале интерес за вакцинација на веб-страницата vakcinacija.mk , а се вакцинираат и лица вработени во критична инфраструктура. Масовна вакцинација, покрај во А1 СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, се одвива и во спортските сали во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола и Охрид.

Според последните податоци на МЗ, вкупно 883 пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот се лекуваат на инфективните оддели во Скопје и во болниците во другите градови. Има околу 847 празни болнички кревети во ковид – центрите. Во претходното деноноќие, имало нови 234 случаи на Ковид-19 од 2.907 направени тестирања. Починати се 25 пациенти, најмладиот на 27 години. Оздравени се 786 лица. Вкупниот број на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 153.694 од направени 734.904 тестирања. Оздравени се 137.331, починати 5.067, а активни случаи има 11.296.

Дел од намалените рестриктивни мерки оваа недела беше намалувањето на времетраењето на полицискиот час кој е во сила од 23 часот навечер до 5 часот наредниот ден, како и продолжувањето на работно време за терасите на угостителските објекти, за дополнителни олабавувања на рестриктивните мерки ќе се одлучува на почетокот на следната недела.

Scroll to Top