(Видео) Коциќ: Неоснованата интерпелација за Филипче е кулминација на ВМРО-ДПМНЕ

пред 3 години

Од почетокот на пандемијата со коронавирусот, од ВМРО-ДПМНЕ гледаме само неодговорно, деструктивно однесување на штета на јавното здравје, на штета на здравствениот систем, вели Ненад Коциќ пратеник од СДСМ.

Според него неодговорно дејствување на ВМРО-ДПМНЕ кулминира со конструирани случаи и денешното барање за отповикување на министерот за здравство Венко Филипче.

„Очигледно е дека Христијан Мицкоски и останатите функционери на ВМРО-ДПМНЕ се патолошки опседнати со провизии. Нема друго логично објаснување за нивното упорно ширење лажни вести. Изгледа се уште живеат заглавени во филмот на нивниот режим, кога речиси и да не постоеше јавна набавка во која не постоеше провизија за „фамилијата“ и ВМРО-ДПМНЕ. Токму затоа и во напорите и обидите на Владата и Министерството за здравство да обезбедат вакцини, тие задолжително и по автоматизам гледаат провизија“, рече Коциќ.

Додаде дека е срамно како што рече, да се прават обиди за политичко профитирање преку креирање лажни скандали кои се поврзани со јавното здравје на сите граѓани, без разлика на етничка, верска и политичка припадност.

„ВМРО-ДПМНЕ создава атмосфера на јавен линч на секој кој ќе се обиде да помогне во набавката на вакцините и со тоа намерно ги одвраќа економските оператори да бараат легални канали и да лобираат за земјата побрзо да обезбеди доволна количина вакцини за масовна имунизација на населението. Партијата која е синоним за висока корупција, ВМРО-ДПМНЕ, која во периодот 2006-2016, располагаше и потроши повеќе од 30 милијарди евра народни пари, нема кредибилитет било кого друг да обвинува за провизија“, вели пратеникот од СДСМ.

Според него на опозициската ВМРО-ДПМНЕ им пречи високиот степен на доверба на министерот Филипче и целиот здравствен систем коишто како што потенцира Коциќ, покажале како треба да се справува во една здравствена пандемија.

Scroll to Top