(Видео) Шахпаска: Лицата со попреченост да се вклучат во политичкиот живот

пред 3 години

Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска денеска учествуваше на настанот „Промоција на наоди од мониторинг на лица со попреченост“ на кој беа презентирани резултатите и препораките од мониторингот од Парламентарните избори 2020 година.

„Лицата со попреченост претставуваат најголемото малцинство на светот. Светската здравствена организација вели дека 15 отсто од светската популација се лица со попреченост. Ако ги земеме 1.800.000 запишани гласачи во нашата држава, тогаш бројката на оваа категорија на граѓани е доста висока, околу 200 до 270 илјади лица. Сериозна бројка, која има свои права, потреби, а ние како одговорни институции треба да одговориме“, истакна министерката Шахпаска.

Таа се осврна на носењето на Законот за спречување и заштита од дискриминација, во делот на дефинирањето на дискриминаторската основа, попреченост, при што е прифатен амандманот од страна на Здруженијата за лица со попреченост и е дефинирана како во Конвенцијата на Обединетите нации.

Членот 29 од Конвенцијата гарантира право на лицата со попреченост да бираат, да учествуваат во избирачкиот процес, меѓутоа и да бидат избрани.

Шахпаска го истакна како многу значајно учеството на лицата со попреченост во сите сегменти од функционирање на општеството, започнувајќи од локално ниво, како советници, пратеници, па се до учесници во извршната власт.

Министерската потенцираше дека изминатите седум години се направени сериозни чекори во поглед на лицата со попреченост и нивната вклученост во избирачкиот процес, од избирачки материјали разбирливи за нив, воспоставување на знаковниот јазик за време на избори, пристап на избирачките места, гласачките паравани, обука на членовите на избирачките одбори како да им помогнат на лицата со попреченост да го остварат правото на глас.

Како позитивен исчекор министерката Шахпаска го посочи и учеството на 67 лица со попреченост како набљудувачи на изборниот процес.

Министерката истакна дека во моментов се работи на меѓународната класификација на функционалноста, каде што попреченоста согласно Конвенцијата не се дефинира како медицинска дијагноза , туку како човеково право.

Scroll to Top