Шахпаска: Поддршката за лицата со попреченост продолжува

пред 3 години

Претставници на националниот сојуз на слепи лица на средбата со министерката за труд и социјална политика истакнаа дека помошта и поддршката кон слепите лица треба да продолжи и да се унапреди.

Министерката Шахпаска информираше дека се разговарало за моменталната состојба во смисла на правата кои лицата со попреченост ги користат, како и можностите за нивно унапредување.

„Како ресорно министерство на кое на врвот на агендата е грижата за најранливите категории на лица, со посебен акцент на лицата со попреченост, продолжуваме посветено да работиме на унапредување на правата и услугите и обезбедување подобри услови за живот на оние на кои тоа им е неопходно. Оттука и нашите заложби за измените во Законот за социјалната заштита во делот на личната асистенција, односно спуштање на возрасната граница од 18 на 6 годишна возраст, за деца со потешка или најтешка телесна попреченост, како и потполно слепи лица. Ова законско решение е во собраниска процедура и очекуваме наскоро да го види светлото на денот“, истакна министерката Шахпаска.

Од страна на претставниците на националниот сојуз на слепи лица беше поздравено ова законско решение коешто е мошне значајно и за нив како поединци и за нивните семејства.

Со цел поттикнување, социјално вклучување и еднакви можности, лицата со попреченост, односно лицата со тешка или длабока попреченост, лицата со најтешка попреченост, потполно слепо лице и потполно глуво лице, се корисници на надоместокот заради попреченост. Исто така, слепите лица користат и права за помош и нега од друго лице, информираат од Министерството за труд и социјала.

Министерката Шахпасака изрази уверување дека помошта и поддршката на лицата со попреченост ќе продолжи и понатаму, во насока на обезбедување подобри услови за живот и нивна вклученост во општествениот живот.

Scroll to Top