(ВИДЕО) Јорданов: Неодговорноста на Филипче придонесува секојдневно да броиме мртви меѓу роднините и пријателите

пред 4 години

„Јас лично го предупредував министерот за здравство, Венко Филипче неколку месеци наназад за состојбите во штипската болница и недостатокот на кислород кој им е неопходен на пациентите заразени од КОВИД-19.

Филипче заедно со директорот ги игнорираа овие апели од мене и од јавноста и тоа за жал чинеше човечки живот. Знаеја дека има недостаток на кислород, не постапија и продолжија со мантрата дека се е под контрола.

Контролата одамна е изгубена. Загубен е човечки живот, прстот е вперен кон Филипче и затоа оставка веднаш“, вели Иван Јорданов, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.

„Несомнено, случајот во Штип е приказ за состојбите во цела држава! И наместо министерот за здравство да иронизира, а директорот на Клиничката болница во Штип дрско да се однесува со неистомислениците, време е и двајцата да преземат одговорност за злочинот кој го прават на граѓаните од Источна Македонија.

Власта остана глува на нашите неколку месечни повици за состојбите, поставување на ветениот монтажен КОВИД центар и конечно завршување на новата Клиничка болница во Штип, која 4-та година е во застој. Фејсбук сведоштвото на младата девојка која ја изгуби мајка си, поради нефункционирањето на системот и слабата организациона поставеност, даде причина повеќе овие двајца да ги напуштат функциите!

Овој двоец на менаџерски тим, четврта година ги оставаат граѓаните од Истокот без нова Клиничка болница и цела година без ветениот монтажен КОВИД центар. Ова придонесе, граѓаните да бараат спас за својот живот во скапото приватно здравство. Неодговорниот пристап на раководните структури и слабата организациска поставеност, допринесуваат секојдневно да броиме мртви меѓу роднините и пријателите, додека КОВИД профитерите заработуваат на грбот на сиромашниот народ.

Вториот бран на пандемијата, покажа колку лошо се менаџира здравствениот систем во државата од страна на Филипче.

Време е и јавното обвинителство да го истражи третманот на пациентите во болницата во Штип, затоа што бројот на починати и заразени е застрашувачки“, изјави Иван Јорданов, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.

Scroll to Top