Владата го утврди предлог-законот за нов Универзитетски клинички центар

пред 3 години

Владата на седница го утврди предлог-законот за реализација на проектот „Нов Универзитетски клинички центар“.

Овој закон е на предлог на Министерството за здравство, а со него се уредуваат постапката и условите за реализација на проектот, односно изградба и ставање во употреба на комплексот на градби како градби од значење за Републиката.

Од Владата велат дека со предложените решенија ќе се овозможи унапредување на ефективноста и ефикасноста на терциерното здравство во земјата преку реализација на проектот „Нов Универзитетски клинички центар“ и ќе се обезбеди континуитет во обезбедувањето на високо квалитетни здравствени услуги за населението на целата држава.

„Предлог законот опфаќа и реализација на дополнителни инфраструктурни услови за третман и сузбивање на заразни болести и инфекции заради заштита на населението од заразни болести, оптимизација на времето, трошоците или другите ресурси со цел ефикасна реализација на проектот „Нов Универзитетски клинички центар“ преку посебни услови и постапки за доделување на договори за јавна набавка на стоки, услуги и работи за потребите на проектот „Нов Универзитетски клинички центар“, како и други прашања уредени со овој предлог закон“, информираат од Владата.

Финансиските средства за реализација на овој болнички комплекс ќе се обезбедат од Буџетот на Република Северна Македонија.

Scroll to Top