ВМРО-ДПМНЕ: Заев на маса во ресторан во полошкиот регион ги договорил точните проценти од пописот

пред 3 години

Костадин Костадинов и СДСМ очигледно се нервозни, па штом ќе се најдат во офсајд или наидат на отпор во јавноста заради погрешните политики, веднаш го споменуваат Груевски, велат од ВМРО-ДПМНЕ, по денешната прес-конференција на портпаролот на владејачката партија кој го обвини поранешниот премиер за вмешаност, во како што кажа, саботажата на пописот.

Од опозициската партија воедно го повикуваат Костадинов да одговори дали е вистина дека Зоран Заев точните проценти од пописот ги договорил на маса во ресторан во полошкиот регион и дали, како што велат, се друго е фарса која ќе ги чини граѓаните 10 милиони евра.

„Јавноста јасно виде дека СДСМ прави политичко-пазарџиски дил наречен попис, за кој веќе јавно се лицитира со резултати, бројки и проценти. Ваквиот насилен попис кој е продукт на стандарди и пазари на Заев, создава конфликти во јавноста и за тоа одговорност има само СДСМ“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Според партијата, постојат и факти дека се работи за гола политика, а не статистика.

„Пописот се спроведува со врзан потпис на директорот и заменикот директор на ДСЗ, пописот се спроведува надвор од европските стандарди и предвидува попишување на нерезиденти, пописот ќе се прави без јасна методологија со обично диктирање на матични броеви, без приложување на документи, па уште се оди до таму податоците на отсутните да ги диктираат лица кои најдобро ги познаваат“, велат од опозициската партија.

Scroll to Top