Во Штип гласаат болните и немоќни лица во своите домови

пред 3 години

Во Штип денеска гласаат 66 болни и немоќни лица. Членовите на 77 те избирачки одбори на територија на Општина Штип од утрината го подигнуваат изборниот материјал од просториите на Општинската изборна комисија. По што со придружба на полиција го носат на гласачките места, од каде што доколку имаат на списокот пријавени болни и немоќни лица одат во нивните домови да го остварат своето право на глас.

МИА утринава беше на терен со членовите на избирачкиот одбор од гласачкото место 22 81 во населбата „Македонка“.

Претседателот на избирачкиот одбор, Ванче Саракинов вели дека на списокот имаат пријавени пет лица за гласање во своите домови. Една од нив е и 65 годишната Стојна Здравевска, која поради слабиот вид веќе трети пат гласа во својот дом. Новинарските екипи ги прими срдечно, а порача дека на секое избори си го користи правото на глас и смета дека е свечен чин. Од новиот градоначалник, како што вели, очекува се најдобро.

На избирачкото место 22 81 гласаат вкупно 820, а во посебниот избирачки список имаат 36 гласачи.

-Вчера гласаа болните од ковид, односно во изолација и на нашето гласачко место гласаа двајца и тие си го остварија правото на глас со посебна комисија, денес имаме пет лица, кои гласаат во своите домови, односно се пријавени како изнемоштени и стари лица, вели Саракинов.

Тој истакна дека гласањето на болните и немоќни лица се одвива без проблеми, а очекува во демократска атмосфера да поминат и изборите на 13 декември, кога гласачкото место го отвараат во 7, а го затвараат во 19 часот. Во Штип вкупниот број на гласачи е 41.777.

На избирачките места ќе се прави и дезинфекција, со цел заштита на гласачите, но и на членовите на ибирачките одбори.

Жителите на Штип своето право на глас можат да го искористат за еден од петмината кандидати за градоначалник.

Scroll to Top