Груби доби казна од 500 евра како домаќин на прославата, не одговара на прашањата дали ќе поднесе оставка

пред 3 години

Првиот вицепремиер Артан Груби добил казна од 500 евра како одговорно лице во Министерството за политички систем, во чии простории во понеделникот петнаесетмина членови на ДУИ и високи државни функционери беа маски и без дистанца го славеа роденденот на лидерот Али Ахмети.

Тој веќе доби казна од 20 евра од МВР за неносење маска, а казната од 500 евра следи по вонредниот надзор на Државниот инспекторат за труд од каде денес утврдија дека има прекршување на Законот за заштита на населението од заразни болести.

Груби, кој беше домаќин на роденденската забава и седеше на чело на масата заедно со лидерот Али Ахмети и претседателот на Собранието Талат Џафери, е казнет како одговорно лице кое дозволило да се слави без маски.

Вицепремиерот Груби не одговори на прашањата од „А1он“ дали ќе поднесe оставка откако и МВР и Државниот инспекторат за труд утврдија непочитување на мерките за заштита од коронавирусот, а во услови на пандемија.

Од Обвинителствотo за „А1он“ денес изјавија дека чекаат пријава да утврдат дали петнаесеттемина членови на ДУИ кои славеа треба и кривично да одговараат.

Scroll to Top