Демократскиот сојуз: Македонскиот народ има длабоки корења

пред 3 години

Демократскиот сојуз ги отфрла како несериозни и аматерски предлозите за решавање на спорот со Бугарија изнесени од поранешниот премиер Љубчо Георгиевски.

„Зачудувачка е леснотијата со која Георгиевски лицитира со основните атрибути на македонскиот национален идентитет и се обидува да ги претстави како конструктивно решение во полза на двете страни. Предлозите на Георгиевски, особено за настанокот на македонскиот јазик, се порадикални и подеструктивни дури и од предлозите на најзакоравените бугарски националисти. Не е случајно што тие едногласно му честитаат на предлозите и му даваат безрезервна поддршка, зашто според нивниот тон и содржина, Георгиевски настапува како советник на бугарската влада“, велат од партијата на Павле Трајанов.

Демократскиот сојуз смета дека во еден сериозен спор во кој се релативизираат и негираат основните идентитетски параметри на македонскиот народ, не смее да им се дава гласност на шарлатански предлози, каков што е последниот од некогашниот премиер Љубчо Георгиевски.

Оттука наведуваат дека со Бугарија немаме заедничка историја, ниту пак основа да славиме заеднички датуми и личности. Корените на Македонскиот народ се длабоки и на никој нема да му дозволиме да ги сосече, додава партијата.

Scroll to Top