Дождот значително ќе ги зголеми водостоите, да се избегнува движење покрај реки

пред 3 години

Врнежите од дожд, кои наместа се очекува да надминат и 50 литри на метар квадратен се очекува да ги зголемат значително водостоите, особено на реките Радика, Сатеска, Коселска и Голема, Треска, Вардар и Црна.

Од УХМР најавуваат дека во западните делови на места се очекува врнежите да надминат и 50 л/м2 и дека во тие делови од земјата се очекуваат значително вискои водостои, полнење на речните корита како и локални излевања.

– Ова особено се однесува на реките Радика, Сатеска, Коселска и Голема (Ресенска) во чии сливови се можни излевања. Исто така, висок водостој и полнење на речното корито се очекува на реката Треска, (каде се можни локални излевања во тој слив, во Пласница и на помалите притоки), а исто така и самата река Треска се очекува да има полно корито. Зголемен водостој се очекува и во горниот дел од сливот на река Црна и на нејзините помали притоки, наведуваат од УХМР од каде додаваат дека според водостојот вчера има простор за полнење.

Висок водостој се очекува и на реката Вардар во нејзиното горно течение, заедно со нејзините притоки во тој дел.

Во источниот дел врнежите се очекува да бидат послаби, но од УХМР велат сепак висок водостој и можни слаби локални излевања се можни во сливот на реките Крива, Кумановска и Пчиња.

Од УХМР предупредуваат на крајно претпазливо и внимателно движење (по можност да се избегнува) покрај реките и суводолиците низ земјава поради опасност од нивно излевање. Ова најмногу се однесува на водотеците во западниот дел од земјата каде врнежите ќе бидат пообилни и има опасност од нивно излевање, но и на тие од источните делови каде се очекуваат високи вредности на водостоите.

Scroll to Top