Донација од ТИКА за подобри хигиенски и безбедносни услови во училиштата

пред 4 години

Основното училиште „Петар Здравковски Пенко” во општина Бутел доби 400 пунктови за дезинфекција и 400 бесконтактни топломери – донација од турската Агенција за соработка и координација – ТИКА, која ќе донира и во други училишта во земјава во рамки на новиот проект „Здраво и одржливо образование“.

Амбасадорот на Турција, Хасан Мехмет Секизќок, на доделувањето на донацијата истакна дека преку овој проект ТИКА донира заради хигиенски и безбедни услови во училиштата, нагласувајќи дека Турција е солидарна во борба со пандемијата и дека од нејзиниот почеток ја потенцира меѓународната соработка.

-ТИКА е присутна со многу проекти, со овој проект дистрибуира хигиенски средства. Испративме заштитна опрема во разни краишта на светот, вклучувајќи ја тука и Северна Македонија, земјата со која негуваме историски врски, рече турскиот амбасадор во земјава, потсетувајќи ја важноста од спроведувањето на мерките за заштита од вирусот – заштитна маска, хигиена и физичка дистанца.

Министерката за образование и наука Мила Царовска се заблагодари на донацијата, посочувајќи дека таа ќе помогне за оджување на епидемиолшката состојба и за спроведување протоколите во училиштата.

За ОУ „Петар Здравсковски Пенко“ во населбата Скопје Север, кое го посети денеска, рече дека се обезбедени сите технички услови, и за настава со присуство, и за онлајн-настава.

-Важно е во овој период наставниците, директорите и градоначалниците да се на висина на задачата зашто овој предизвик е голем за нашата држава, како и во светот. Голема благодарност до Република Турција за донацијата, со која им се помага на училиштата за одржување и спроведување на протоколите кои се дадени како здравствена насока за да се одржи епидемиолошката состојба на ова ниво што го имаме денеска. Се надевам на континуитет на соработката која и досега е одлична, изјави Царовска.

Програмскиот директор на турската Агенција за соработка и координација ТИКА Ајтекин Ајден изјави дека пунктови за дезинфекција и тополомери ќе донираат и во други училишта, потсетувајќи дека и досега ТИКА реализирала голем број проекти во здравство, образование и во други области.

За донацијата се заблагодарија и градоначалникот на Бутел Велимир Смилевски и директорот на училиштето кои очекуваат и во иднина вакви донации од невладини организации.

Scroll to Top