ЕСМ: Милошоски да не ја замајува јавноста дека до ВМРО-ДПМНЕ стигнале некакви договори

пред 3 години

Обвинувањата за корупција во јавните набавки во РЕК Битола се тенденциозни и штетни за имиџот и на комбинатот и на компанијата и на државата, велат од Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) како реакција на денешната прес-конференција на Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ.

„Лицемерно е да се тврди дека постои корупција во јавните набавки, без притоа да се има било какви докази за тврдењата, а од друга страна тоа да се поврзува со извештај за перцепцијата на корупцијата во земјава. Токму ВМРО-ДПМНЕ и во конкретниот случај пратеникот Антонијо Милошоски се творците на таа перцепција, кога со невидена леснотија излегуваат на прес-конференции и обвинуваат за појави за кои ниту имаат, ниту може да обезбедат докази бидејќи такво нешто не постои“, се наведува во официјалното соопштение.

Од ЕСМ повикуваат Милошоски да не ја замајува јавноста дека до ВМРО-ДПМНЕ стигнале некакви договори кои отвораат сомнеж за корупција во АД ЕСМ или РЕК Битола.

„Станува збор за јавно достапни документи и секој може до нив да пристапи преку системот за јавни набавки. Сите договори на кои се повикува Милошоски ги поминале сите правни процедури предвидени во македонското законодавство, вклучувајќи и жалби и одлуки на надлежни инстанци. Во секој случај, пратеникот Антонијо Милошоски ги има на располагање институционалните механизми за утврдување на вистината и го повикуваме да поднесе претставка до Јавното обвинителство на РСМ. Коректно би било и да се извини за изречените лаги“, стои во соопштението.

Милошоски денеска посочи дека до ВМРО-ДПМНЕ стигнале 11 склучени договори за ископ во вкупна вредност од околу 4 милиони евра, пари кои, како што рече, ќе се дадат за изнајмување на машини од приватни фирми, за ископ на јаглен, при што цената за ископ на еден тон јаглен се зголемува од 15 на 30 евра.

Scroll to Top