Жителите на поречкиот регион најавија протести и бојкот на изборите поради неизградениот регионален пат

пред 3 години

Граѓански здруженија од поречкиот регион се заканија со протест ако веднаш не биде прифатено нивното барање за изградба на регионален пат помеѓу населените места во рамките на Општината Македонски Брод и Скопје.

Во спротивно, велат ќе ја информираат јавноста за точниот термин на протестот, а исто така најавуваат и дека ќе продолжат со перманентно организирање протести, со неколкучасовна блокада на регионалниот пат 1106 кон шумскиот резерват „Јасен“ и на патот од селото Мова Брезница до браната Козјак.

„ Досега во повеќе наврати поднесовме барања до Владата, Генералниот секретаријат на Владата и Кабинетот на Премиерот, како и до ЈП за Државни патишта и до Министерството за транспорт, а одржавме и средби со надлежните инситуции во врска со нашето барање за решавање на овој за нас исклучително важен проблем. Како што е познато од Скопје до Самоков сé уште се стига само низ резерватот Јасен и тоа во три премини во лето и два во зима. Траса долга 16,5 километри се вози по пат широк само 2,5 метри, и тоа по распоред од по 30 минути за еден правец. Доколку се задоцни за овие термини, тогаш треба да се возат околу 200 км преку Кичево до Скопје. Ова е вистинска голгота и за оние 800 жители кои секојдневно одат на работа во Скопје, но и за сите жители на овој регион. Во овој крај инаку гравитираат 45 села и 6 викенд населби“ велат од здруженијата.

Се жалат дека непостоењето на регионален пат резултирало со масовно иселување на жителите во околните градови, повеќето во Скопје, Тетово и Гостивар, а најмногу во странство што предизвикало целосно замирање на стопанскиот и социјалниот живот во овој регион.

Тие предупредуваат дека доколку се игнорира нивното барање, жителите во рамките на општината Македонски Брод ќе ги бојкотираат претстојните локални избори закажани за октомври оваа година, со што ќе го изразат огромниот револт спрема Владата и инситуциите.

Scroll to Top