Заев: Ако некој граѓанин има право да зборува на својот мајчин јазик, со тоа не губат другите граѓани, туку добива државата

пред 3 години

Ширум светот денеска под покровителство на Обединетите Нации и УНЕСКО, се организираат настани по повод Меѓународниот ден на мајчиниот јазик за промоција на негувањето и афирмацијата на сите јазици што ги користат народите во светот и за поддршка на имплементацијата на стратегиите и политиките во полза на различноста на јазиците во сите делови на светот, пишува премиерот Зоран Заев, на социјалните мрежи.

„Концептот на разноличност во Република Северна Македонија треба да се прифати како мост помеѓу различните етнички заедници во земјата во постигнувањето еднакво општество и можности за сите граѓани во нашата држава, како една од целите на Владата на Република Северна Македонија.

Се определивме за политики што ја градат Република Северна Македонија како граѓанска држава на сите кои живеат во неа: Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци и сите други заедници. Креираме јазични политики коишто се сообразуваат според потребите на граѓаните од сите етнички заедници.

Ако некој граѓанин има право да зборува на својот мајчин јазик, со тоа не губат другите граѓани, туку добива Република Северна Македонија, како граѓанска и демократска држава“, вели Заев.

„Нашата цел да изградиме граѓанско општество, истовремено со почит кон социјалните, етничките, националните, верските и културните разлики – е посебноста и суштината на нашето заедништво. Тоа заедништво што се градеше со векови, за нас претставува обврска за нашата заедничка иднина и затоа со право велиме дека различностите на нашето општество ги сметаме за наша предност. За наше заедничко богатство. За наша предност“, се додава во фејсбук статусот на премиерот Заев.

Scroll to Top