Заев за „Титаник“: Центрите за социјална помош во 2014 година беа злоупотребени од ВМРО-ДПМНЕ за изборни цели

пред 3 години

Премиерот Зоран Заев, во својство на сведок во случајот „Титаник” денеска во Кривичниот суд Скопје, зборуваше за неговите сознанија за изборните нерегуларности во 2014 година вршени од тогашната партија на власт ВМРО-ДПМНЕ.

– Центрите за социјална помош беа злоупотребени, тие шетаа со списоци и им се закануваа на примателите на социјална помош дека доколку не гласат за партијата на власт социјалната помош ќе им биде прекината. Шумската полиција правеше притисок на луѓето кој имаа договори за сеча дека доколку не гласат за ВМРО-ДПМНЕ, договорите за сеча ќе им бидат укинати, изјави Заев.

Истакна дека и УЈП, Пазарна инспекција, Финансиска полиција и други институции вршеле притисок врз правните субјекти за тие точно да докажат дека гласале за ВМРО-ДПМНЕ. Заев, исто така рече дека за сите овие забелешки на опозицијата го информирал тогашниот претседател на владата Никола Груевски (обвинет во ,,Титаник”), но тој не реагирал.

На прашање на одбраната дали ги пријавиле наведените случаи, тој рече дека околу 150 пријави во тоа време доставиле до надлежните институции (ДИК, обвинителства, до министерства), но според него никој не постапил, ниту некој реагирал по однос на тие пријави.

Во 2014 година во Македонија беа одржани два изборни процеси, односно предвремени парламентарни избори и избори за претседател на државата.

Судењето за предметот „Титаник” го води судијата Осман Шабани, додека обвинението го застапува Лиле Стефанова.

Scroll to Top