Заев на доделувањето на грантови од програмата „Рурална жена”: Работиме за подобрување на економската положба на земјоделките

пред 3 години

Премиерот Зоран Заев заедно со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Арјанит Хоџа, директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Никица Бачовски како и Весна Ивановиќ-Кастаред, раководителката на Ју-ен жени (UN Women), тело на ОН за родова еднаквост и зајакнување на жените, во Градскиот парк во Скопје, заедно со претставници на Националната федерација на фармери, присуствуваа и се обратија на доделување на 11, од вкупно 250 договори за грант, од програмата „Рурални жени“ на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, што ја спроведува Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.

Истакнувајќи ја целта на мерката „Поддршка за активен женски член во земјоделското домаќинство“, која е во насока на подобрување на целокупните резултати од работењето на земјоделското стопанство и достигнување на повисоки стандарди за подобрување на квалитетот на земјоделско производство и за намалување на трошоците во работењето, премиерот Заев им честиташе и им посака успех на претприемачките кои ќе добијат финансиски грант во висина од 180.000 денари за набавка на опрема, која ќе им помогне во нивните досегашни и идни активности.

„Владата, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Министерството за труд и социјална политика ќе ги направат сите неопходни чекори за остварување на определбите утврдени во Декларацијата за подобрување на економскиот и социјален статус на руралните жени. Институциите работат во насока на подобрување на економската и социјална положба на жените во руралните средини преку зајакнување на ефективноста и влијанието на националните програми за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, законите и стратегиите од областа на родовата еднаквост, недискриминација, земјоделство, рурален и социјален развој“, посочи премиерот Заев.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Арјанит Хоџа изрази задоволство од поттикот и храброста кои се јавуваат кај жените од руралните подрачја, како вистински носители на земјоделските семејства и кои искористувајќи ги мерките ги јакнат позициите во општеството и водат кон подобрување на социјалната реалност.

Scroll to Top