Заев од партискиот Конгрес: Имаме обезбеден и признат македонски национален идентитет од целиот свет

пред 4 години

Во скратен мандат, за помалку од три години постигнавме многу, на речиси сите полиња, рече претседателот на СДСМ, Зоран Заев во обраќањето на 25. Конгрес на СДСМ.

„По решавање на спорот со Грција во интерес на двете држави, по Договорот со Бугарија, после темелниот демократски и реформски пресврт во земјата, се отворија вратите на евроатлантската перспектива. Денес сме 30 земја членка на НАТО, остваривме една од двете стратешки цели. Денес, Северна Македонија е еднаква и рамноправна со останатите 29 земји членки на најсилниот воено-безбедносен сојуз. Имаме обезбеден и признат македонски национален идентитет од целиот свет. Македонскиот јазик е впишан во нашата лична карта во ОН, имаме држава со имотен лист“, рече Заев.

Тој нагласи дека очекувањата на патот кон ЕУ е одржувањето на првата меѓувладина конференција и започнување на преговарачкиот процес. Силна поддршка за тоа, вели Заев, меѓу другите имаме и од нашите пријатели од Партијата на европски социјалисти. Токму оваа европска партија пред неколку денови донесе заедничка изјава со која од Советот на ЕУ бара, преговарачката рамки со Северна Македонија да биде усвоена до 10 ноември, а првата меѓувладина конференција да се одржи до крајот на оваа година.

„Драги пријатели од ПЕС, ви благодариме на оваа силна поддршка. Нашето членство ви благодари, нашиот народ ви благодари“, порача Заев.

Претседателот на СДСМ и премиер се осврна и на постигнувањата на домашен план, особено во делот на економијата и спраување со последиците од коронавирусот.

„Покрај на надворешен план, остваривме сериозни успеси и дома. Веднаш се фативме во костец со долгогодишните проблеми и еден по еден ги решававме во интерес на граѓаните. Преку сериозен и одговорен процес, преку политики отворени кон и за сите граѓани, успеавме сериозно да ги зголемиме платите во нашата држава. Денес, минималната плата е повисока за 5.500 денари, а просечната за над 4.700 денари споредено со 2017 година. Сериозно ја намаливме стапката на невработеноста, а ја зголемивме социјалната помош и креиравме мерки за трајно извлекување од сиромаштија. Ја вративме демократијата, слободата и правдата во државата, градиме силен правосуден систем кој ефикасно и неселективно се бори против секаков вид на криминал и корупција“, смета Заев.

Во врска со коронавирус, тој вели дека и ние и светот се соочивме со досега непозната состојба која барала внимателност, но и решителност и подготвеност брзо, ефикасно и навремено да се дејствува.

Заев оценува дека биле преземени навремени чекори кои првенствено имале за цел ублажување на првите удари врз здравствениот систем.

„Паралелно со здравствените мерки, носевме и економски мерки и политики за помош и поддршка на граѓаните и стопанството. Справувањето со последиците од коронавирусот останува врвен приоритет за владата и институциите што ги предводиме. Посветени сме да го заштитиме сечие здравје, да спасиме што повеќе работни места, да помогнеме на што повеќе граѓани и компании и тоа ќе го правиме уште повеќе во следниот период.“ порача Заев.

Scroll to Top