Заев: Податоците од пописот ни требаат како леб, спремен сум и да се одложи 1 – 1,5 месец, но да заврши во јуни

пред 3 години

Премиерот Зоран Заев вели дека е спремен пописот да се одложи, по предлогот од претседателот Стево Пендаровски, но смета дека одлагањето не треба да биде повеќе од еден месец или еден и пол месец. Одговарајќи на новинарско прашање за одржувањето на пописот, тој објасни дека е најдобро целата операција да заврши во јуни.

„Го видов и предлогот на претседателот на државата да се одложи пописот, за некој месец можеби е и океј, јас сум секогаш спремен, се е вредно за размислување. Летото знаеме дека попис не се спроведува, септември е кампања, октомври е изборен период за локалните избори, и да размислиме за месец дена, месец и пол, да завршиме некаде до средината на јуни. Веќе гледам опозицијата тоа го одби, така да уште еднаш ќе ја испратам пораката да бидеме одговорни, и да го спроведеме пописот“, рече премиерот Заев.

Тој нагласи дека пописот нема никому да му скрати од правата ниту пак некому ќе даде нови права, а подготвен е успехот за пописот да го претстави како заеднички, на власта и на опозицијата.

„Податоците ни требаат за развој на државата, податоците ни требаат за регионалниот развој на државата, податоците ни требаат за економските политики, податоците ни требаат за да знаеме колкави се регионите со невработеност и со вработливост, да знаеме каде има локации за нови индустриски зони, за развој на нови економски политики, отворање на нови работни места. Ни требаат податоците како леб, од секој можен аспект. И сега ако е во прашање фрустрацијата затоа што некој не успеал да направи попис, а еве некој ќе успее да направи попис, јас уште сега објавувам дека е заеднички успех пописот кој ќе го спроведеме сите заедно во државата“, рече премиерот Заев.

Пописот е закажан за април годинава, а Собранието без опозицијата го донесе Законот за попис.

Scroll to Top