Заев: „Танец“ е бренд што со својата мисија го негува и презентира македонското фолклорно творештво

пред 3 години

Премиерот, Зоран Заев, ја посети Националната установа „Танец“ и имаше средба со директорот на ансамблот Мартин Вучиќ и со дел од вработените по повод годишнината од основањето.

„Оваа наша национална установа од посебен општествен интерес, повеќе од 7 децении ја остварува својата културна мисија на негување и презентирање на македонското фолклорно творештво во земјава и надвор од неа. „Танец“ е бренд што ја освојува публиката каде и да настапи. Ја освојува со својата професионалност, со совршениот изведувачки израз со кој автентично се афирмира сета убавина на нашето фолклорно наследство“, истакна Заев.

Според директорот на „Танец“ Мартин Вучиќ, пандемијата која во моментов владее ги погоди сите категории на луѓе и институции, а меѓу најпогодените заради природата на дејноста се изведувачките уметности и настани.

„Таков е и нашиот ансамбл, кој е должен да ја негува македонската музичко-фолклорна традиција и сценски да ја претставува, но верувам дека наскоро, повторно ќе можеме да настапуваме и да ги презентираме уметничките достигнувања на ансамблот „Танец“, во неговиот полн сјај дома и во светот“, рече Вучиќ.

Заев кажа дека е донесена одлука за нов објект како траен дом за „Танец“.

На денешен ден, пред 72 години, во 1949 година, со решение на Народното собрание на тогашната Народна Република Македонија е формирано друштво за собирање, негување и презентирање на македонското музичко-сценско творештво кое стана светски препознатливо како ансамбл – „Танец“.

Scroll to Top