Заканите за бомби во средните училишта во Скопје се дел од хибридна војна, оценува Ковачевски

пред 1 година

Заканите за бомби во средните училишта во Скопје се дел од хибридна војна која има цел да внесе вознемиреност во државата, рече утрово премиерот Димитар Ковачевски.

Тој објасни дека целиот регион е под хибридни напади.

„Ако порано на цела територија на Европа се воделе војни со оружје, сега имаме на дел од територијата на Европа каде што се води војна со оружје, со нападот на Русија врз Украина, меѓутоа во другите делови се води таканаречена хибридна војна каде што преку најразлични методи се прави вознемиреност во државата. Ова што се случува е исто така дел од таа стратегија за хибридни напади. Вие мора да бидете свесни дека Министерството за внатрешни работи при такви дојави мора да интервенира, бидејќи се работи за школи и не случајно тие таргетираат школи бидејќи најосетливи се луѓето кога се работи за школи, бидејќи нашите деца учат во тие школи и моите деца и вашите деца и на сите други. Министерството нормално дека интервенира. Секторот за економски криминал нормално дека согласно своите надлежности ги испитува сите можни податоци за да се дознае од каде доаѓаат тие лажни дојави кои што беа до денес. Јас се надевам дека тие што го прават тоа ќе сфатат дека Европа треба да живее во мир, а не во страв и неизвесност“, рече Ковачевски.

За хакерските напади на неколку институции изминатиов период Ковачевски вели дека исто така биле дел од таа хибридна војна, а за справувањето со последиците објасни дека нашите тимови работеле заедно со најразвиените тимови во делот за справување со хакерски напади од НАТО – партнерите.

Scroll to Top