Захариева: Нашите услови кон Македонија не се сменети со години

пред 4 години

Бугарската министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева, вели дека бугарските услови кон Македонија не се сменети со години и е зачудена што тие за јавноста делуваат како да се нови.

„Да, ќе ја носиме нашата одговорност, ние сме навикнати да ја носиме нашта одговорност. Би сакала и колегите во Скопје да ја носат нивната одговорност“, одговори Захариева на прашањето дали Бугарија е подготвена да ја носи одговорноста за странските влијанија во регионот, по бугарското вето.

За Захариева, ова е шанса која Скопје не треба да ја испушти.

„Бидејќи имаме германско претседателство во моментот и Германија е една од земјите основачи, не се многу такви, кои го поддржуваат проширувањето и посебно за земјите од Западен Балкан“, вели Захариева.

Македонскиот министер за надворешни работи, Бујар Османи, останува на ставот дека Договорот за добрососедство е одлична рамка за изноѓање на заедничко решение за спорот со Бугарија.

„Јас сум лично оптимист, вложивме многу и двете земји. Сме премногу блиску, за да не изнајдеме заедничко прифатливо решение“, вели Османи.

Според Османи, сите се свесни за влогот во овој процес и за последиците од неуспехот.

На виртуелната прес конференција, присутен беше и германскиот министер Хајко Мас кој им честиташе на двете земји за одличната тимска работа при подготвувањето на Берлинскиот процес.

Scroll to Top