ЗНМ најави протести доколку не се расчистат случаите на насилство врз новинарите

пред 4 години

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) викендов одржа редовно неизборно собрание на кое беа дискутирани повеќе теми поврзани со работата на Здружението, како и проблемите со кои се соочуваат новинарите во последната година.

Собранието го отвори Претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски кој во својот говор се осврна на работата на новинарите и медиумите во време на пандемијата со коронавирусот и ги презентираше превземените мерки од страна на Здружението и донаторите во насока на помагање на новинарите за безбедно вршење на нивните работни задачи.

Соочени со огромниот процент на неказнивост во случаите на напади врз новинарите, Чадиковски ја презентираше Декларацијата за престанок на неказнивоста на нападите и заканите кон новинарите и медиумските работници.

Во декларацијата се повикуваат институциите, политичките партии како и деловните субјекти да ја почитуваат слободата на изразување на новинарите и медиумските слободи, согласно уставните, правните и меѓународните правни норми и стандарди.

„Законите што ја регулираат медиумската сфера треба да бидат во согласност со потребите на новинарите, медиумите и граѓаните, а не со центрите на моќ“, се вели во неа.

Од Основното Јавно Обвинителство во Скопје беше побарано да ја врши својата работа одговорно и отчетно кога се во прашање случаите за напади врз новинарите, сторителите на кривични дела против новинарите и медиумските работници да бидат изведени пред лицето на правдата, додека за жртвите на ваквите криминални дејствија да биде обезбеден соодветен третман доколку е тоа потребно.

Дополнително извршната власт беше повикана да се вложи во креирање на безбедна средина за новинарите да можат слободно и независно да ја вршат својата работа без да биде извршен било каков притисок за тоа што известуваат.

„Во случаите кога се напаѓани новинари, нема речиси ниту еден решен случај, а државата потфрли и во случајот со 27 април. Десетици колеги беа брутално атакувани, а институциите не само што не поведоа ниту една постапка, туку се дрзнаа преку државното правобранителство да се обидат да ја одбијат тужбата на нашите колеги. Ова е недозволиво, кога политичари се напаѓаат институциите реагираат промптно, а кога новинари се напаѓаат, функционерите се кријат во своите канцеларии, небаре сме некое општетствено зло. Остро реагираме на ова и дополнително, доколку продолжи игнорантскиот, или обидот да се отфрлат нашите аргументи за оваа тужба, но и за сите други напади, најавувам дека ќе организираме протестен марш против двојните аршини со кои се третираат новинарите“, изјави Чадиковски.

Scroll to Top