ЗНМ: Во извештајот на Стејт Департментот истакнат проблемот со неказнивост за насилствата врз новинарите

пред 3 години

Во објавениот извештај на Американскиот Стејт Департмент за минатата 2020 година за почитување на човековите права во Северна Македонија се вели дека земјата постигнала напредок во почитувањето на слободата на медиумите и слободата на изразување во земјава.

Сепак, Стејт Департментот констатира дека сѐ уште постојат проблеми што се провлекуваат од минатите години, како што е насилството и заплашувањето на новинари, објавија од ЗНМ.

„Во извештајот, се нотирани речиси сите посериозни напади врз новинари за последните две години и е истакнат проблемот со неказнивост за насилствата врз новинарите, нешто за кое ЗНМ честопати алармираше во јавноста. Покрај ова, во извештајот нотирано е и дека во изминатата година одговорот од страна на властите на случаите на насилство и заплашувањето кон новинарите беше бавно и неефикасно“, посочуваат од ЗНМ.

„Во извештајот на Стејт Департментот е нотирано дека во април новинарите и вработените во медиумите Душица Мрѓа, Наташа Стојановска, Горан Трпеноски, Влатко Стојановски, Билјана Николовска, Томе Ангеловски и Игор Јанковски поднесоа тужби пред Граѓанскиот суд во Скопје барајќи правда за инцидентите од 27 април во Собранието. Во извештајот се нотира дека судската постапка за овој случај сеуште е тековна“, додаваат од Здружението на новинари на Македонија.

Од ЗНМ го посочуваат делот од извештајот во кој пишува дека, „за жал, високите владини претставници имаат тенденција да им се закануваат и да ги навредуваат новинарите. Културата на неказнивост е добро вкоренета во државата и сè уште е пречка за безбедноста на новинарите. Бројот на физички напади врз новинари се намали, но сепак, постои растечка пракса на таканаречено онлајн, компјутерско малтретирање и вербална злоупотреба“.

Исто така, велат од ЗНМ, извештајот содржи дека заклучно со 24 октомври, Здружението на новинари на Македонија регистрирало 16 случаи на напади врз новинари, од кои 14 случаи биле вербални, од кои повеќето биле закани по живот на социјалните мрежи, а два биле физички.

ЗНМ го забележало фактот дека од сите вербални напади, осум се насочени против новинарки.

„Во сите случаи, ЗНМ ги повика полицијата и обвинителството да истражат и да ги изведат сторителите пред лицето на правдата и ја повторија загриженоста дека неказнивоста останува сериозно прашање во врска со нападите врз новинарите. На 28 јули, ЗНМ го повтори својот апел до властите да го изменат и дополнат кривичниот законик за да осигурат дека нападите врз новинарите се третираат како кривични дела кои се гонат по службена должност. И оваа година во делот за медиумите и слободата на изразување Здружението на новинарите на Македонија , дури четири пати се спомнува како референтна организација која останува и понатаму веродостоен партнер на Стејт Департментот“, стои во соопштението на ЗНМ.

Scroll to Top