ЗНМ: Обвинителството да формира посебно одделение за гонење на напаѓачите за новинари

пред 4 години

Здружението на новинари на Македонија од Јавното обвинителство бара да се формира посебно одделение кое ќе ги гони напаѓачите на новинарите.

Претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски, вели дека годинава според статистиката на ЗНМ, се случиле 14 напади врз новинарки и новинари, додека лани имало само четири.

„Денеска е меѓународен ден за прекинување на неказнивоста за злосторствата против новинарите, и затоа ќе испратиме важни пораки до надлежните институции и јавноста. Професионалните новинари не треба и не смеат да бидат напаѓани поради тоа што ја вршат својата професија“, рече Чадиковски.

Според него, иако физичките напади се намалени, се повеќе закани по животот на новинарите се забележуваат на социјалните мрежи.

„Министерството за правда да направи измени на Кривичниот законик, да се прошири надлежноста на обвинителството да постапува по службена должност по кривични дела поврзани со напади на новинари и да се зголемат казните на напаѓачите“, рече Чадиковски.

Тој го повика Обвинителството нападите и заканите до новинарите итно да се процесуираат.

Scroll to Top