Иницијативен одбор од ДОМ: Претседателката нестатутарно и незаконски разреши партиски функционери

пред 3 години

Наместо да се прифати демократската иницијатива за Вонреден конгрес и демократизација на партијата, претседателката на ДОМ со малцински број на поединци, членови на ЦО и само 5-6 општински организации, преминаа кон разрешување на функционери од партијата на нестатутарен и незаконски начин, информираат од Иницијативниот одбор од ДОМ, по денешната седница на Централниот одбор.

Претходно, партијата информираше дека со мнозинство гласови, членовите на ЦО изгласале недоверба кон: Ана Петровска и Мирослав Богдановски на функциите потпретседатели и членови на Извршен одбор на ДОМ, и Јасмина Пакашки на функцијата член на ИО на ДОМ.

Од иницијативата, пак, објаснуваат дека побарале свикување на Вонреден конгрес поради фактот што на партијата и биле потребни промени во начинот на организирање и функционирање, како и воведување групно претседавање преку ко-претседатели, со цел, како што велат, да се воведат позитивните демократски практики од Европските Зелени.

„Иницијативата имаше обезбедена поддршка со собрани потписи на повеќе од половина членови од Централниот одбор на ДОМ, вклучително и тројца потпретседатели на партијата и на повеќе од 2/3 на општинските организации на ДОМ што е многу повеќе од потребните услови согласно Статутот“, се наведува во соопштението на Одборот.

Меѓутоа, од претседателството на партијата претходно посочија дека Централниот одбор ја разгледал нелигитимната иницијатива за одржување вонреден конгрес и нагласија дека мнозинството членови на Централниот одбор едногласно ја отфрлиле иницијативата.

Scroll to Top