Македонско еколошко друштво: Осоговските Планини конечно препознаени како национално богатство

пред 4 години

Македонско еколошко друштво ги поздравува напорите на сите засегнати страни во процесот за прогласување на дел од Осоговските Планини за заштитено подрачје во категоријата „заштитен предел“ .

Од друштвото велат дека одлуката на Владата Осоговските Планини да станат првиот заштитен предел (заштитено подрачје од категорија V) претставува круна на нивната 14 годишна работа со поддршка на низа партнери и донатори, домашни и странски експерти како и соработката со Програмата за зачувување на природата во Северна Македонија и Министерството за животна средина и просторно планирање.

„Конечно вредностите на Осогово се препознаени и станаа наше национално богатство. Ова е првиот чекор кон вистинска заштита на подрачјето. Му честитаме на идниот управувач ЈП „Национални Шуми“ и се надеваме дека истиот вредно ќе работи кон одржување и зачувување на природните вредности на Осоговските Планини. Сметаме дека локалното население ќе има со што да се гордее и што да остави на идните генерации“, изјави Деспина Китанова од Македонско еколошко друштво, која е вклучена во процесот за заштита на Осогово од 2006 година.

Имено, иницијативата Осоговските Планини да се истражат и да се стават на картата на заштитени подрачја МЕД ја започна во 2006 година, со поддршка на Франкфуртското зоолошко друштво (Германија). Потоа следеа проекти поддржани од ПроНатура, (Швајцарија), Еуронатур и Германската агенција за животна средина (ДБУ) (Германија), дел од нив спроведувани прекугранично во соработка со Бугарската фондација за биодиверзитет (BBF).

Уникатните предели на Осогово беа валоризирани од професорот д-р Љупчо Меловски, долгогодишен претседател на МЕД, што ја дефинираше и категоријата на заштита – заштитен предел.

„Се надеваме дека оваа одлука на Владата ќе повлече разрешница и прогласување на други заштитени подрачја во земјата, кои исто така долги години чекаат правна и суштинска заштита, а чии вредности во меѓувреме се изложени на различни притисоци“, велат од МЕД.

Scroll to Top