Македонците се најжестоки пушачи во регионот и Европа и меѓу првите десет во светот

пред 3 години

Алармантни се податоците за пушењето во земјава. Лидери сме по бројот на пушачи во регионот и во Европа, а во светски рамки се наоѓаме меѓу 10-те најлоши држави, во кои најмногу се пуши. Пуши половина од македонското население, во просек по 20 цигари на ден. Дополнително, имаме најниски цени на цигарите во регионот и во Европа, а најниско ни е и даночното оптоварување што ги прави цигарите достапни за секого, покажува последното истражување на Аналитика.

Особено загрижувачки е податокот дека преку 30 отсто од младите пушат, а многу е застапено и пасивното пушење. Само кај 11 отсто од пушачите во земјава не се пуши дома, а непушачите се изложени на пушење не само во угостителските објекти, туку и во јавните институции, што отвора друго прашање – колку функционира законот.

Мажите пушат повеќе од жените, соодносот е 57,9 отсто спрема 39 проценти. Преваленцијата се зголемува со возраста, а врвот е на 45 до 54 години. Повеќето пушачи користат произведени, фабрички цигари, а рачно виткан тутун само 12,5 отсто.

Не е јасно, велат од Аналитика, во што конкретно е проблемот, но решението дефинитивно треба да се бара во поскапувањето на цигарите (зголемувањето на акцизата) и во подигнувањето на свеста на граѓаните за штетноста од пушењето. Еден од предлозите е дури и воведување посебен предмет од најрана возраст во училиштата.

– Дојдовме до сознание дека сме најлоши во регионот и во Европа зашто сме лидер по потрошувачка на цигари. Преваленцата, односно стапката на учество на пушачите во вкупната популација е 48,4 отсто или половина од населението пуши. Просечен пушач кај нас троши 27 евра за цигари месечно што е само шест отсто од просечната плата. Тоа значи дека цигарите се многу достапни, секој може да си дозволи да пуши, истакна Тамара Мијовиќ Спасова.

Во ЕУ, додаде таа, просекот на пушење е само 29 проценти. Просечната цена на кутија цигари, пак, е 4,9 евра, додека во регионот 2,1 евро што е помалку од половина од европското ниво.

Scroll to Top