Методите на една од лабораториите што мереа во „Пејпар Мил“ не се прифатливи, велат од инспекторатот за животна средина

пред 3 години

Државниот инспекторат за животна средина ја информира јавноста дека забраната за користење на котелот на пелети во „Пејпар Мил“ произлегува од надминувањето на граничните вредности на емисии утврдени со мерења на акредитирани лаборатории од 13 ноември, 23 ноември и 30 декември, минатата година.

„Со мерењата спроведени на 13.11.2020 година и 23.11.2020 година од ЕУРОМАК-КОНТРОЛ во присуство на државен инспектор за животна средина, утврдени се две последователни надминувања на граничните вредности и тоа: 183.93 mg/m3 и 198.53 mg/m3 прашина над дозволените 150 mg/m3, како и 1097,2 односно 1468 mg/Nm3 јаглероден моноксид наспроти 500mg/Nm3. Мерењата од 30.12.2020 година спроведени од страна на Фармахем ДООЕЛ Лабораторија за животна средина и Лабленд лабораторија за животна средина (Лабексперт ДООЕЛ од Бугарија) значително се разликуваат. Имено, Фармахем измери 726 mg/m3 прашина над дозволените 150 mg/m3 и над 3205 mg/Nm3 јаглероден моноксид, повеќе од дозволените 500 mg/Nm3. Лабленд измери 74 mg/m3 прашина или речиси десет пати помалку од Фармахем, додека измерените концентрации на јаглероден моноксид изнесуваат 5745 mg/Nm3, повеќе од дозволените 500 mg/Nm3“, велат од инспекторатот.

Државниот инспекторат за животна средина ангажирал оценувач и доставил барање до Институтот за акредитација за анализа на резултатите на мерењата, пришто се утврдило дека бугарската лабораторија „Лабленд“ за мерење на емисии на прашина го користела методот EN 13284-1 чијшто мерен опсег е под 50 mg/m3, а издадени се резултати надвор од мерниот опсег на методата (74mg/m3).

Понатаму, за мерење на емисиите на штетни гасови (јаглерод моноксид, азотни оксиди, сулфур диоксид, јаглерод диоксид) лабораторијата „Лабленд“ не користела референтни методи, односно користи интерна метода ВЛМ 01:2016 за која нема докази за еквивалентност со стандардни референтни методи, а што е пропишано со член 12 од Правилникот за изменување и дополнување на правилникот за методологијата, начините, постапките, методите и средствата за мерење на емисиите од стационарните извори (Службен Весник на РСМ, бр. 176 од 26.8.2019 година), додаваат од инспекторатот.

Имајќи предвид дека опсегот на акредитираните методи на „Лабленд“ не е во согласност со барањата на наведениот правилник, Државниот инспекторат за животна средина не можел да го прифати извештајот на оваа лабораторија.

Државниот инспекторат за животна средина соопшти дека претходно ги анализирал и утврдените гранични вредности за емисии на прашина со измената на А интегрираната дозвола УП1-11/3-1362/2019, издадена на ден 24.03.2020 година. За таа цел, ДИЖС побарал од Министерството за животна средина и просторно планирање измена на граничните вредности, односно наместо 150mg/m3 тие да изнесуваат 50 mg/m3, односно да бидат во согласност со Правилникот за граничните вредности за дозволените нивоа на емисии и видови на загадувачки супстанции во отпадните гасови и пареи кои ги емитираат стационарните извори во воздухот (Сл.Весник 141/2010) Прилог 3, точка 2 и тоа: ГВЕ при согорување во ложишта со топлинска моќ од 1 до 50 MW на дрво, дрвени брикети и отпадоци од земјоделски култури.

Од инспекторатот појаснуваат дека доколку се прифати ова барање и граничните вредности за емисии на прашина се спуштат до 50 mg/m3, тогаш и кај резултатите на мерењата на Лабленд ќе има надминувања.

Државниот инспекторат за животна средина тврди дека се залага за целосно почитување на законските прописи.

„Нема да дозволиме загадување на животната средина и загрозување на здравјето на граѓаните“, додаваат од Државниот инспекторат за животна средина.

Scroll to Top