Милошоски: Дезинформација е дека сум фалсификувал исправа во Германија

пред 3 години

Пратеникот Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, еден ден откако „А1он“ објави дека бил осуден во Германија пред да биде назначен за министер за надворешни работи, преку статус и натаму негира дека сторил фалсификување на исправа. Тој во статусот наведува дека веста е лажна.

„Партијата на Заев со фабрикувањето на лажни вести за наводно мое поседување на бугарски пасоши, авиони, покренување на монтирани случаи против мене се обидува да ме замолчи како опозиционен пратеник. Пред 5 години ми фалсификуваа поседување на бугарски пасош преку неговиот другар Чауш, а потоа измисли и дека сум сопственик на авион кој го немам. Истата партија која нечовечки се обиде да ја фалсификува вистината за убиството кај Смилковско Езеро, за смртта на Никола Младенов и малата Тамара, денес со слични дезинформации се обидува да измисли фалсификување на исправа во Германија, каде што сум стекнал две исправи, и тоа една факултетска диплома и еден сертификат за странски јазик. Но, најверојатно нервозата и потребата за дефокус расте токму кај власта која во Собранието е поддржана и од силувач на жени, од кого очекувам да си побараат оставка. Наместо лажни вести и обид да ја замолчат критиката од опозицијата, време е владата да си понесе одговорност за лажните ветувања кон граѓаните и за економијата која е жртва на хибридниот режим кој функционира во историски највисока корупција“, пишува Милошоски.

„А1он“ објави дека Милошоски бил осуден во 2004/2005 година во Германија за фалсификување на исправа и уште едно кривично дело. Тој во телефонска изјава велеше дека не знае за каква исправа станува збор, како и дека не бил осудуван во Германија. Според документите до кои дојде „А1он“ за двете дела, судот во Ахен му наложил на Милошоски треба да плати парични казни.

Scroll to Top