Минатата година имало 125 несреќи при работа, 25 со фатални последици

пред 3 години

Дваесет и пет лица починале на работното место изминатата година, а вкупно се случиле 125 несреќи на работа, покажува најновиот извештај на Македонското здружение за заштита при работа кое секоја година се објавува по повод Светскиот ден за заштита и безбедност при работа.

Стапката на смртни случаи при работа во земјава изнесува 3,14 односно на секои 100.000 вработени, загинуваат 3 до 4 вработени. Таа е скоро иста како стапката во 2019 година.

Според претседателот на Здружението Милан Петковски, има епидемија на смртност на работните места ако на овие бројки се дојдат и податоците за бројот на несреќи на работни места од Институтот за јавно здравје и Трудовиот инспекторат.

– Ако 30 здравствени работници починале како последица на Ковид-19 и ако ги додадеме и 3.493 заболени, тогаш навистина имаме епидемија, која не е само Ковид-19, туку епидемија на работните места, рече Петковски.

Во 25-те случаи на починати кои ги евидентира Здружението, сите биле мажи на возраст од 45 до 54 години. Земјоделството е сектор каде има најмногу повреди на работното место по што следува градежништвото и преработувачката индустрија. Петок е денот кога имало најмногу несреќи на работа, а од месеците се издвојуваат април и јули.

Во изминативе десетина години откако здружението води статистика за бројот на повреди и несреќи на работа евидентирани се над 400 луѓе кои што загинале на работните места.

Петковски како проблеми ги посочи немањето на единствена статистика за несреќите на работа и дека се мали казни за работодавачите кои не обезбедуваат услови за безбедна работа.

Македонското здружение за заштита при работа неодамна заедно со синдикатите побара Ковид-19 да се прогласи како професионално заболување за сите работници, за што поднесе и претставка до Уставниот суд.

По повод Светскиот ден за безбедност и здравје при работа, денеска беа засадени 25 дрвца, колку што се загинати работници на работното место во текот на 2020 година.

Scroll to Top