Мицевски до Џафери: Немојте да мислите дека некој ви се плаши

пред 3 години

Препукувањата и високите тонови , помеѓу координаторот на опозицијата Никола Мицевски и собранискиот спикер Талат Џафери продолжија и денеска во Парламентот. На стартот на 39-тата седница при ставање на дневниот ред на гласање, координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски се налути на спикерот Џафери откако одби да ги стави на на дневен ред интерпелациите за министрите Љупчо Николовски и Бојан Маричиќ.

„Ги тргате Маричиќ и Николовски бидејќи не сакате да зборуваме за нив. Ве разбирам дека сакате да ги заштитите и дека сте хибриден режим, но оваа институција ја водите вие и ќе си постапувате согласно процедурата за да функционира како што треба. Немојте да мислите дека некој ви се плаши, немојте да мислите дека ќе дозволиме да правите што сакате. Затоа барам уште веднаш интерпелациите да се стават на дневен ред. Во спротивно ќе сметаме дека ја замолчувате опозицијата. Ги имате интерпелациите, не се разгледани, а знаете дека беа повлечени од 36 седница, во интерес на граѓаните, да се донесе петтиот пакет економски мерки“, рече Мицевски.

Џафери рече дека овие точки не можело да се најдат на оваа седница, затоа што било спротивно на Деловникот и побара од опозицијата да си поднесе нови интерпелации.

„Немој ти да мислиш дека јас некому му се плашам тоа како прво, второ Деловникот важи за сите и не планирам да го кршам заради Вас. Чисто како појаснување, овие точки беа ставени на 36-та седница како што е процедурата , но не се расправаше по нив повлечени се, а таа седница е завршена. Поднесете си нова интерпелација, по нова процедура, пробиени се тие рокови. Точка“ , дециден беше Џафери.

Координаторот Мицевски не го смири одговорот, па побара повторно збор, но сепак и покрај новиот обид , не се гласаше по овие точки да се најдат на дневниот ред. Во меѓувреме пратениците од опозицијата дофрлаа од место и се бунеа поради како што велат ова неправилна одлука.

“Немојте да ми извикувате „леле , леле“, ете ви го судот поднесете нова пријава. Не е тоа заради Талат Џафери така, Деловникот вели така и престанете да дофрлате од место“, додаде Џафери.

Дневниот ред на 39-тата седница беше усвоен со 67 пратенички гласа без воздржани и против.

Scroll to Top