Младите лекари и специјализанти: Ивермектинот е приказна за занимација на јавноста, а вакцинацијата е решение

пред 3 години

Асоцијација на специјализанти и млади лекари упати жестоки критики по фамата која настана во јавноста за употребата на лекот Ивермектин, кој прво беше промовиран од министерот за здравство Венко Филипче, пa пуштен во продажба во одредени аптеки, а дури потоа матичните доктори добија мислење за употреба, но не и протокол. Од Асоцијацијата сметаат дека приказната за лекот е смислена само за јавноста да има што да се занимава, а решението за коронавирусот е само вакцинацијата.

„АСМЛ ќе го потенцира вистинското решение за оваа пандемија – вакцинацијата, се друго е само заведување и замена на тези. Во состојба кога Србија до јуни ќе заврши со комплетна вакцинација, кога Албанија започна веќе, приказната со Ивермектинот е само смислена приказна за да се занимава јавноста и лекарите. План за вакцинација веднаш, со рокови и гаранции!“, реагираат од Асоцијацијата.

Дел од матичните доктори и денеска реагираа на социјалните мрежи и бараа официјално упатство за употреба и протокол за употреба на лекот. Доколку лекот се пребара преку генеричкото име во Регистарот на лекови на страницата од Министерството за здравство, евидентно е дека тој не е внесен. Поради тоа, матичните доктори немаат ниту официјален протокол за дозирање, ниту упатство за употреба.

Лекарската комора денеска испрати само „Мислење за употреба на Ивермектин кај пациенти со Ковид-19“, за кое дел од докторите и јавно реагираа дека не е официјален документ по кој тие можат да се водат. Во него, недостасуваат и одговори на дел од прашањата кои се и јавно поставени, како на пример, на која возрасна група смее или не смее да се дава лекот, како се дозира кај повозрасни пациенти (над 65 години), кои се контраиндикациите ако се Ивермектин се користи паралелно со други лекови и други проблематики.

Хасот со лекот настана уште првиот ден, откако Филипче објави дека е пуштен во продажба, матичните останаа без упатство, а пациентите молеа за рецепти.

Scroll to Top