Неблагодарно е јавните пари да се делат по етничка основа, смета вицепремиерот за економски прашања

пред 4 години

Скопје, 19 септември 2020 (МИА) – Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи денеска истакна дека како Влада градат концепт на едно општество за сите и оти е неблагодарно јавните пари да се делат по етничка основа. Битиќи денеска на прес-конференцијата со директорот на Фондот за иновации и технолошки развој Јован Деспотовски, на која беа презентирани резултатите и компаниите кои добија поддршка на Јавниот повик за кофинансирани грантови за технолошки развој за надминување на последиците од КОВИД-19, одговори на новинарско прашање во врска со најавите кои ги изнесе првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби за можно субвенционирање на вработувања во приватниот сектор по етнички клуч. – Пристапот и на претходната Влада, и на оваа Влада, е ист. Секој граѓанин е еднаков и добива еднакви можности и еднаков третман. Мислам дека е неблагодарно да целиме јавните пари да се делат по етничка основа. Дали навистина за едно болно дете ќе треба да прашаме дали тоа дете е Албанец, Турчин или Македонец и така да ги даваме парите. Мислам дека во едно правично општество, тоа треба да го заборавиме. Единствен пристап треба да биде јавните средства да стигнуваат таму каде што е потребно, потенцира Битиќи. Додаде дека нема првични проценки колку пари би биле потребни за реализација на етничката застапеност во приватните фирми. бак/ац/

Извор: mia.mk

Scroll to Top