Низ рационален дијалог, несогласувањата со Софија ќе бидат надминати, уверен е Османи

пред 3 години

Уверување дека Северна Македонија заслужува почеток на преговори со Европската инија, како и поддршка за што е можно поскоро финализирање на преговарачката рамка и одржување на првата меѓувладина конференција без натамошни одложувала, изразила денеска шпанската министерка за надворешни работи, Европска Унија и за соработка Аранча Гонзалес Лаја на средбата во Мадрид со шефот на дипломатијата Бујар Османи.

Тој на заедничката прес-конференција со Гонзалес Лаја, одговарајќи на новинарско прашање за спорот со Бугарија, која во декември стави вето на почетокот на преговорите, напомена дека верува оти во интерес на Софија е да ја промовира европската интеграција на сите земји во регионот, а доказ за тоа беше и Самитот ЕУ-Западен Балкан, кој се одржа во 2018 година, кога претседавач со Унијата беше токму Бугарија.

Моментално имаме препреки, рече Османи, но додаде дека е уверен оти низ рационален дијалог со Софија, тие ќе бидат надминати. Шефот на дипломатијата истакна дека во меѓувреме акцентот е ставен на меѓусекторската соработка и градењето доверба. Изрази уверување дека имаме капацитет да најдеме решение кое ќе ни помогне да ги надминеме препреките.

Османи на заедничката прес-конференција потенцира и дека кога се говори за иднината на Европа, ЕУ мора да биде погласна и појасна во однос на земјите од Западен Балкан, спроведувајќи инклузивен процес, со поголема вклученост, на идните земји-членки.

Нагласи дека некогаш на регионот се гледало како на сосед на ЕУ или регион кој ја опкружува Унијата и додаде дека напротив земјите од Западен Балкан се држави кои целат кон полноправно членство.

-Ние сме лоцирани во самото срце на Европа и географски сме целосно опкружени со земји од ЕУ. Затоа е логично дека треба да бидеме дел од заедничката иднина на Европа, додаде Османи.

Scroll to Top