Николоски: Демократските стандарди ни се повисоки отколку во Бугарија, таму Македонците не можат да говорат на македонски

пред 3 години

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски денеска оствари посета во Тетово каде што пред медиумите ја коментираше изјавата на бугарски дипломат кој бара права за Бугарите во Македонија.

„Видете, најмал проблем е чии права ќе бидат прифатени, за тоа што Македонија е демократско општество и секој човек треба да има индивидуални права. И никој во Македонија никому не прави проблеми да се идентификува како што сака и да го зборува мајчиниот јазик кој што мисли дека му е мајчин јазик. Прашањето е друго какви се правата на Македонците во Бугарија? Зошто Македонците не можат да се произнесат како Македонци во Бугарија и зошто не можат да го зборуваат македонскиот јазик, ниту да имаат училишта на македонски јазик“, запраша Николоски.

Николоски додаде дека прашањето е и зошто Бугарија не ги почитува одлуките на Меѓународниот суд на правдата во Стразбур кои што бараат да се регистрираат македонски здруженија на чело со „ОМО Илинден“ и „Пирин“ и да се овозможи здружување на национална македонска основа, како и образование на македонски мајчин јазик.

„Тоа се прашањата за Бугарија, инаку Македонија од демократски стандарди е неколку скалила над Бугарија“, нагласи потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Scroll to Top