Нова Комисија ќе утврдува зошто на породување ѝ биле извадени бубрег, матка и јајчник на родилката од Дебар

пред 3 години

Место конечен став за случајот со родилката од Дебар, како што најави оваа недела, министерот за здравство Венко Филипче, денес донел решение за формирање Комисија за вршење надзор на стручната работа на ЈЗУ „Општа болница Струга“ за случајот на родилката од Дебар, Јалдз Веапоска, на која при породување со царски рез, извадени и биле и бубрег, јајчник и матка.

„Комисијата, која е составена по барање на министерот, има 5 члена и има задача да изврши надзор над стручната работа на ЈЗУ ОБ Струга, а во врска со дијагностиката и лекарскиот третман на пациентката. За извршениот надзор Комисијата во рок од 8 дена од денот на завршување на надзорот над стручната работа треба да достави извештај до Министерството за здравство“, соопштија од Министерството за здравство.

Министерот Филипче, како што велат од Министерството, бара од Комисијата, извештајот задолжително да содржи констатирана состојба, евентуални недостатоци, неправилности или пропусти во вршењето на стручната работа, а особено во однос на спроведувањето на стручните упатства и условите и начинот на укажување на здравствена заштита.

„Членовите на Комисијата формирана од Филипче, треба да дадат стручно мислење за состојбата во установата и настанатите или можни последици по здравјето на пациентката и предлог за определување мерки за отстранување на недостатоци или пропусти и рокови за нивно отстранување“, велат од Министерството за здравство.

Минатата недела министерот Филипче рече дека во Министерството ги анализираат сите наоди за овој случај, добиени од повеќе институции и најави дека конечниот став ќе го каже оваа недела откако извести дека комисијата формирана од Лекрската комора не нашла пропусти во оперирањето и лекувањето на родилката од Дебар.

Scroll to Top