Нови станови на Груевски: Ги изнајмил за без пари пред да избега, а се во зградата каде живееше

пред 3 години

Полицијата направи претреси во четири станови кои се поврзуваат со експремиерот и азилант, Никола Груевски, со наредба од обвинителката Лиле Стефанова за случајот познат како „Плацови на Водно“. Според информации на „А1он“, два од становите кои се споени, се оние каде живееше Груевски на улицата Бихаќка, а се водат на неговата мајка, Надежда. Другите два се станови се наоѓаат во истата зграда, на истиот кат, а според имотниот лист се водат на секретарка која работи кај познат бизнисмен, близок до Груевски.

Зградата каде живееше Груевски на Бихаќка

Пред да избега во Будимпешта, Груевски во 2018 година склучил договор за закуп со формално-правната сопственичка на становите. Според неофицијални информации, договорот за закуп е направен за Груевски да ги користи становите без да плаќа кирија. Становите се од претходно замрзнати за да не можат да се отуѓуваат.

Според извори во истрагата, од становите се затекнати документи, уметнички слики и макети за проектот „Скопје 2014“. Сите четири станови се со вкупна квадратура од над 300 квадрати. Едниот од нив служи и како библиотека, преполн со стручна литература.

Истрагата ќе треба да покаже дали овие два станови за кои Груевски има склучен договор за закуп без да плаќа кирија, се негови и купени од пари кои членовите на ВМРО-ДПМНЕ ги уплаќале како членарини и донации во партијата. Тоа е и една од причините за што е направен претресот.

Никола Груевски е само еден од осомничените во случајот „Плацови на Водно“, каде се сомничи дека сторил кривично дело перење пари. Освен него, се гонат и ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, кумот на Груевски, Ристо Новачевски, бизнисменот Орце Камчев, како и сопственик на офшор компанија. Истрагата се води од октомври 2020 година. Според Обвинителството, во периодот од 2006 година до 2012 година, Груевски како претседател на ВМРО-ДПМНЕ, за себе прибавил над 1 милион и 300 илјади евра од членовите на партијата.

Scroll to Top