Одржан четвртиот Светиклиментов научен собир на тема „Образование и заедничарење“

пред 3 години

Во чест на свети Климент, денеска се одржа четвртиот Светиклиментов научен собир на тема „Образование и заедничарење“, во организација на Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ во Скопје.

Поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, г.г. Стефан, истакна дека свети Климент е исклучителна личност и за црквата и за македонскиот народ и оти врз него најмногу се потпира нашата наука. Тој рече дека Свети Климент е најзаслужен што Македонците меѓу првите добиле помесна црква, што македонскиот јазик станал богослужбен, а продолжувајќи ја мисијата на светите браќа Кирил и Методиј, ги описменувал луѓето и ја ширел книжнината.

– Затоа и по 11 столетија од неговото време, свети Климент останува да ни биде незаменлива личност и како учител и просветител и како архијереј и рамноапостол. Во свети Климент го имаме најдобриот пример како се живеат и чуваат и верата и моралот и како се бранат вистината и правдата. Оттаму сè што свети Климент направил и ни оставил се е трајно вековито и благословено, зошто тој знаејќи дека е што е родено од Бога го победува светот, се правел поради своето богољубие и човекољубие, истакна г.г. Стефан.

Тој потенцира дека Свети Климент го учел нашиот народ, како и народите меѓу кои престојувал, да го љубат Бога и ближните, да ги сакаат, чуваат и негуваат својата култура, традициите, јазикот, укажувајќи колку е потребно да се почитуваат своите вредности и вредностите на другите.

– Свети Климент знаел дека е најважна и трајна духовната градба и дека само кога духовно се надградуваме, само тогаш вистински градиме, подвлече г.г. Стефан.

Поглаварот на МПЦ-ОА се осврна и на темите на овогодишниот Светиклиментов собир „Образование и заедничарење“ и рече дека тоа се две теми, кои всушност го сочинуваат ткивото на христијанската антропологија.

– Црквата најнапред е заедница, а потоа е грижа за личносто спасение. Христос е таму каде што сме собрани во неговото име, затоа без заедничарење нема црква. Христијаните ако се христијани, се браќа и сестри, кои заедно си ги поднесуваат товарите. Заедничарењето не е само на меѓучовечко ниво, напротив тоа извира од нашето заедничарење со Бога, кое ни е дадено преку воплотувањето на оној кој во својата личност ги обедини човечката и божјата природа, рече г.г. Стефан.

Тој додаде дека обездуховениот човек, макар бил и најобразованиот во световните науки е човек без образ.

Архиепископот рече дека и во време на пандемија, новата технологија овозможува луѓето да заедничарат и преку посредство на современите средства за комуникација.

– Свети Климент живеел во многу понеповолни услови од нашите. Тој се грижеше за паство, кое евангелието го слушаше на неразбирлив јазик, Паство кое немаше речиси никакво образование, а тој успеа да го запечати божјиот образ во нив, за сите поколенија, истакна г.г. Стефан.

Деканот на Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ Ѓоко Ѓорѓевски говореше за воспитувањето во Библијата и Библијата како воспитувач. Тој, меѓу другото, се осврна на образованието.

– Зборот образование очигледно во себе го крие зборот образ. Еден наш писател со право забележува дека образован човек порано не бил толку оној кој многу знае, туку оној кој имал образ. Нам тоа денес ни изгледа апсурдно, вели тој, ама некогаш да се знае и да се има образ биле речиси исти нешта. Врз оваа етимолошка подлога, со значење на формирање образ, во меѓусебна соработка на знаењето и воспитанието, се насочува и целата на образованието. Бог го создаде човекот според својот образ, а човекот треба да се образува во знаењето и воспитанието пазејќи го и чувајќи го божјиот образ во себе. На тој начин, образование е всушност остварување на божјиот образ во човекот, истакна Ѓорѓевски.

Професорот од Факултетот за безбедност Цане Мојаноски забележа дека во македонското општество, не само како резултат на претходните генерации туку и на сегашните, особено со практиката на топло ладно со европските критериуми, принципи на вклучување на нашата земја во европското семејство, покажува дека ние полесно прифаќаме да декларираме одредени принципи отколку да живееме по нив, да ги практикуваме како такви.

– Можевме да согледам низ она што значи европерспектива на Македонија во европското семејство и разните читања и препрочитување на историските документи и наметнувањето на гледиштето што ние го имаме, без разлика што сите се залагаме дека слободата, слободниот избор се клучните карактеристики кога до израз доаѓа индивидуалноста на поединецот, да ги прифати и носи таквите вредности, истакна професорот Мојаноски.

Scroll to Top