Официјалната промоција е одложнена, но монографијата за „Браќа Манаки“ може да се набави во Кинотека

пред 4 години

По повод 40 години од основањето на фестивалот „Браќа Манаки“ минатата година од печат излезе монграфијата „40: ИФФК Браќа Манки“ во издание на Кинотеката на Република Северна Македонија, чија промоција беше двапати откажувана поради ситуацијата со коронавирусот. Ова е прво поголемо издание кое одбележува јубилеј на овој фестивал кој е еден од ретките во светот што е тематски определен – фокусиран на филмската фотографија и работата на директорите на фотографија, кинематограферите. Фестивалот „Браќа Манаки“ од манифестација (Манакиеви средби) прерасна во фестивал на југословенска камера, за по осамостојувањето на Македонија да добие меѓународен карактер, и денес е официјално познат како Интернационален фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“. Монографијата го следи развојот на фестивалот. „На картата на европските филмски фестивали има еден на југот од Македонија кој е поинаков од сите, попосебен и повпечатлив. Фестивал на камерата“, се зборовите со кои уредникот на Програмата за култура на босанскохерцеговската национална телевизија BHT1, Џевдет Тузлиќ, го започнува својот осврт на значењето на фестивалот „Браќа Манаки“ за европската кинематографија. Неговиот текст, заедно со уште 13 други за фестивалот и неговото значење, за историјатот и хронологијата, за браќата Манаки по кои е именуван фестивалот, како и за наградуваните филмови и филмски професионалци се поместени во монографијата со цел да дадат една заокружена слика за изминатите четири фестивалски децении. Покрај Тузлиќ, автори на објавените текстови се и Гена Теодосиевска, сегашен директор на фестивалот, Благоја Куноски-Доре, поранешниот директор, а сега селектор на фестивалот, филмолозите Игор Старделов и Владимир Ангелов од Кинотеката на Македонија, Душко Димитровски – новинар и критичар од Сараево со постојан престој во Виена (чест гостин на Битола и на светските филмски фестивали), хроничарот Стефан Хаџи Андоновски, но и Пол Рене Ростад, претседателот на Меѓународната федерација на кинематографери (IMAGO), Миха Брун, филмски критичар и новинар од Љубљана и Најџел Волтерс, потпретседател на Британското здружение на кинематографери (BSC). Ростад, претседателот на IMAGO, кој минатата година во име на федерацијата, на ИФФК „Браќа Манаки“ му ја додели престижната награда – „Кристалното око“ на IMAGO за неверојатен придонес кон уметноста на кинематограферите, пишува дека за неговите колеги фестивалот е од исклучителна важност: „Не само поради тоа што фестивалот ‘Браќа Манаки’ е најстариот фестивал од својот вид со посветен фокус врз уметноста на кинематограферите, туку и поради високиот квалитет на фестивалот, професиналната администрација и водство, како поради топлината и пријателската настроеност на луѓето на фестивалот и луѓето во Битола и Северна Македонија.“ Монографијата изобилува со фотографии од фестивалските церемонии, настани, тркалезни маси, мастеркласови, како и прес-клипинзи од написи објавени во печатените медиуми. Содржините се двојазични – на македонски и на англиски јазик. Се до официјалната промоција на монографијата, заинтересираните истата ќе можат да ја набават во книжарницата на Кинотеката по цена од 500 денари. Изданието е финансиски поддржано од Агенцијата за филм.

Scroll to Top