Пауновски: Полуголи вежбале јога во 23 часот, во „Три кичен“ седеле без светло за да си заминат инспекторите

пред 3 години

Пазарните инспектори затвориле три локали и вежбална за јога, во една вечер. Два угостителски објекти и вежбалната за јога не ја почитувале забраната за работа по 21 часот, а еден угостителски објект си ја скинал пломбата и почнал да работи, без да се регистрираа. Директорот на државниот пазарен инспекторат, Стојко Пауновски, за „А1он“ вели дека иако е забрането групирање и работа по 21 часот, преку 20-25 луѓе биле затекнати полуголи, како вежбаат јога. Затворен е и кафе-барот „Станица 26“. Полицијата наместо да постапи со инспекторите во овој објект, си заминала. Пауновски објаснува дека тоа се случило додека луѓе со исклучено светло седеле во објектот „Три кичен“ кој е поврзан со „Станица 26“, чекајќи да заминат инспекторите.

Во случајот со вежбалната, сопствениците претходно, трипати биле предупредувани дека не смеат да ги прекршуваат мерите за заштита од коронавирус.

„На одделно место во Скопје, се тренирало јога, полуголи во 23 часот. Внатре имало преку 20-25 луѓе. Забрането е групирање на повеќе од четири лица, сите тие треба да работат до 21 часот. Тие претходно биле трипати опоменати. Еден немаме затворено, ова е првпат да одат инспекторите и да затворат. Таков-нема. Ако има, нека дојде, нека каже, нека се пожали и утредента ќе го отвориме. Предупредувани се, знаеме дека во вакви ситуации е тешко да плаќаш 500 евра, а не,  од 3.000 до 30.000 евра. Меѓутоа, тоа е, што да правиме..“, вели Пауновски.

Затворен е и објектот „Станица 26“, кој исто така работел по дозволеното работно време. Според Пауновски, гостите биле во “Три кичен”, а бидејќи објектите со „Станица 26“ се споени, подоцна се префрлиле таму.

„Тие биле поврзани со ‘Станица 26’. Кога инспекторите дошле во 12-12:10, полицијата се тргнала, си заминале, едноставно како да ги штителе. Службениците рекле демек не знаеле како да влезат, а тие ги гледаат внатре, исклучиле светло и седат внатре. Едноставно, како да ги штителе. Инспекторите останале тука уште половина час и виделе дека од ‘Три кичен’ се префрлиле во ‘Станица’. Инспекторите биле упорни, седеле, а кога почнале да излегуваат им дозволиле да влезат. Направиле записник во ‘Станица 26’ и е затворен. Тие се две споени. Едното можевме да го затвориме“, објаснува Пауновски.

Инспекторите при контрола затекнале и отворен угостителски објект, откако самиот решил да ја отстрани пломбата. Нему му е поднесена кривична пријава.

„На ‘Холивуд’ му поминале 10 дена, повторно отворил, а не регистрирал. Повторно имал луѓе во просториите. Си ја скинал пломбата, има и нова кривична пријава“, додава Пауновски.

Scroll to Top