Поддршка од Г7 за старт на преговорите, ЕУ да го испорача ветеното – одржување на првата меѓувладина конференција

пред 3 години

Македонија заедно со Албанија доби поддршка за отворање на преговорите за членство од министрите за надворешни работи на членките на Групата седум индустриски најразвиени држави (Г-7) кои ја потврдија нивната заедничка посветеност на безбедноста, економското закрепнување и европската перспектива на Западен Балкан, како клучна инвестиција за мирот и стабилноста.

-Во заедничката изјава, министрите на Велика Британија, САД, Канада, Франција, Германија, Италија и Јапонија го поддржаа официјалното отворање на преговорите за членство во ЕУ со Северна Македонија и Албанија и спроведувањето на реформската агенда поврзана со преговорите за пристапување во Унијата со Црна Гора и Србија, се вели во заедничкото соопштение од Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС).

Премиерот Зоран Заев, пак, вчера го повтори ставот дека Скопје очекува од ЕУ потврда на европските вредности и да го испорача ветеното, а тоа е одржување на првата меѓувладина конференција.

-Ако некој заслужил, ако некој најмногу чекал, ако некој покажал европски манири и вредности и постигнал сериозни билатерални договори, успеал сто проценти во реформите, конечно во март 2020 година сто отсто беа потврдени успешноста во реформите од сите 27 земји членки. Сега се работи за следниот чекор прва меѓувладина конференција и верувам дека тоа Европа ни го должи и Европа ќе го направи како исчекор, рече Заев.

Во однос на тоа дали Северна Македонија и Албанија треба да одат заедно на патот кон ЕУ, Заев рече дека сака Албанија како наш сосед да оди заедно со нас, треба да се движиме заедно, меѓусебно ќе си помагаме во целиот овој процес и, вели, не очекува ништо помалку од тоа за нашите граѓани затоа што нашиот народ заслужил и очекува Европа да биде европска и да испорача европски онака како што личи.

Во однос на разговорите за решавањето на прашањето со Бугарија, Заев не губи надеж дека и со техничка или времена влада може да продолжат разговорите кога е во прашање, како што вели, европскиот дел, а на билатерално ниво вели, политичките билатерални разговори може да продолжат кога Софија ќе има политичка влада.

Реафирмација на поддршката на Италија за старт на преговорите со ЕУ вчера во Рим доби министерката за одбрана Радмила Шекеринска од нејзиниот италијански колега Лоренцо Гуерини и од потсекретарот за европски прашања на италијанската Влада, Винченцо Амендола. Амендола, оцени дека недоделувањето на датум за почеток на преговори за Северна Македонија и Албанија со ЕУ е сериозна историска грешка што треба да биде исправена.

– Италија ќе продолжи активно да лобира за што побрзо отворање на пристапните преговори и одржување на првата меѓувладина конференција во најкус можен рок. Италија е со вас, потенцираше Амендола.

Американската амбасадорка во земјава Кејт Брнз вчера оцени дека земјава постигнала евидентен напредок по потпишувањето на Преспанскиот договор и влезот во НАТО, но порача дека тој чекор мора да се одржува, особено во делот на реформите кои треба да се спроведат како предуслов за влез во Унијата.

– Периодот кој следи ќе биде од пресудно значење за иднината на Северна Македонија како просперитетен сојузник кој придонесува за стабилноста во регионот. По потпишувањето на историскиот Преспански договор во 2018 година, како и влезот во НАТО и зеленото светло за пристапни преговори со ЕУ во 2020 година, Северна Македонија оствари евидентен чекор напред. Но, овој чекор мора да се одржува и шансата мора да се искористи дури и во времиња полни со предизвици. Знаеме дека во иднина може да има предизвици, како што се корупцијата, непотизамот, дури и нефункционални институции, со што се попречува патот на Северна Македонија кон зацртаните цели, рече Брнз во обраќање на потпишување договор за грант меѓу Северна Македонија и САД.

Шефот на дипломатијата Бујар Османи смета дека можноста што ја нуди јунскиот или јулскиот самит на ЕУ е шанса која не смее да се пропушти заради тоа што следните самити се покомплексни и поограничени во можноста да нудат перспектива за почеток на преговори.

Затоа, вели, е во дипломатска акција да се мобилизира целокупниот потенцијал на поддршка која што ќе треба да го подигне вниманието на целата европска јавност за важноста на моментот дека кредибилитетот на процесот на проширување е ставен на тест и тоа токму на случајот со досието на Северна Македонија.

За можноста да дојде до одвојување на Албанија и Северна Македонија во процесот на интеграциите ако не дојде до надминување на прашањето со источниот сосед, Османи вели дека прашањето погрешно се поставува бидејќи секоја земја кандидат се оценува според сопствените заслуги и ниту една држава не смее да биде во заложништво на досието на друга држава.

Scroll to Top