„Политико“: Премногу дури и за Меркел – ни „Мути“ не можеше да направи се да биде подобро

пред 3 години

Во поголемиот дел од изминатата деценија и половина, ЕУ генерално можеше да смета дека германската канцеларка Ангела Меркел ќе дојде на помош за се, но случувањата во текот на оваа година покажаа дека ни популарната „Мути“ не можеше да направи се да биде подобро, оценува бриселскиот портал „Политико“.

– Со пандемијата со коронавирусот, бесконечните преговори за Брегзит, ќор-сокакот околу буџетот и низата геополитички тензии, особено во Источниот Медитеран, 2020 година создаде пеколен пејзаж од проблеми во политиката, што покажа дека цврстата рака на матријархот во Европа е веќе надмината, оценува порталот.

Според „Политико“, покрај сите овие внатрешни и глобални проблеми на ЕУ, остана нереализирана и една од главните цели на германското претседателство со Унијата – старт на преговорите за членство со Северна Македонија и Албанија.

– Почетокот на преговорите со Северна Македонија беше блокиран од бугарскиот премиер Бојко Борисов, политички сојузник на Меркел, додава порталот.

Според, „Политико“, германскиот министер за европски прашања Михаел Рот призна дека настанатиот ќор-сокак околу проширувањето на Унијата претставува „тежок удар“ за германската политика на Западниот Балкан, оценувајќи дека Берлин „не бил толку успешен во напорите за убедување како што би сакал“.

– За противењето на Бугарија, поттиканто од историски јазичен спор, не е виновна Меркел, но неможноста на канцеларката да изврши притисок врз Борисов сугерира дека нејзиниот авторитет можеби е намален, сега кога влегува во последната година од нејзиниот мандат, оценува „Политико“, заклучувајќи дека планираниот старт на преговорите за членство во ЕУ со Северна Македонија и Албанија останува како едно од неколкуте проблеми што ќе ги наследи Португалија, која го презема претседавањето со Унијата од 1 јануари.

Scroll to Top