Реорганизацијата на државните органи клучна реформа за подобрување на јавната администрација

пред 3 години

Советот за реформа на јавната администрација, со кој претседава премиерот Зоран Заев, ја одржа осмата редовна седница на која беа презентирани клучните постигнувања на ИПА 2 Проектот „Поддршка на државната реорганизација“, финансиран од страна на Европската Унија.

Премиерот Заев, како што денеска соопшти владината прес-служба, истакнал дека реорганизацијата на државните органи е една од клучните реформи за подобрување на јавната администрација.

– Оваа операција е нешто што историски, за првпат се прави во нашата држава. Поставувањето на јасни линии на отчетност, спојувањето на институции со исти надлежности и намалувањето на нивниот бројот на институции ќе придонесе кон зголемување на професионалноста и ефикасноста на јавната администрација, нагласил премиерот Заев.

Целта на проектот е да се оптимизира целокупната институционална рамка, да се зајакне испораката на јавните услуги и да ги унапреди етиката, интегритетот, транспарентноста и отчетноста на јавната администрација.

Клучните постигнувања во рамки на проектот, како и следните чекори за кои е неопходна институционална поддршка, но и поширок општествен консензус, ги презентирале Слаѓана Тасева, тим лидерот на проектот, Александар Антоновс, клучен експерт и проф. д-р. Искра Аќимовска Малетиќ, сениор експерт.

Експертите истакнале дека глобална цел е институционална реорганизација и оптимизација усогласена со заложбите во рамки на буџетските реформи и намалување на бројот на буџетски корисници. Тие ја презентирале потребата од измени на Законот за организација и работа на органите на државната управа, како и првичните согледувања за идната државна организација, базирани на досега остварената соработка со институциите.

Премиерот Заев ги задолжил министерствата да ја унапредат внатрешната комуникација со органите во состав, а посебно со агенциите и инспекторатите од областите во нивна надлежност. Тие треба да ја продолжат и воспоставената комуникација и да овозможат отворена и засилена соработка со ИПА проектот „Поддршка на државната реорганизација“.

Претставникот од Делегацијата на ЕУ, Фрек Јанмат ја потенцирал важноста од посветеноста не само на Владата, туку и на Собранието во овој значаен процес од реформата на јавната администрација.

Министрите едногласно се согласиле дека е неопходна нивна активна вклученост.

Министерот за информатичко општество и администрација Јетон Шаќири, го презентирал нацртот на Вториот годишен извештај за имплементација на Стратегијата за реформа на јавната администрација 2018 – 2022 со Акциски план за 2019 година.

Од владината прес-служба информираат дека извештајот е усвоен и ќе биде објавен на веб страницата на МИОА.

Поради важноста на процесот, одлучено е до крајот на следната недела да се одржи продолжение на седницата, на која ќе се донесат заклучоци за следните чекори.

Scroll to Top