СДСМ: За јазикот и идентитетот не се преговара и не може да се преговара

пред 3 години

За јазикот, за идентитетот не се преговара, ниту може да се преговара. Македонскиот јазик и македонскиот идентитет се потврдени и признаени, велат од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија преку соопштение.

СДСМ реагира на обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ по интервјуто на премиерот Зоран Заев за БГНЕС, коментирајќи дека опозициската патија предводена од Христијан Мицкоски нема кредибилитет да зборува за Народно ослободителната борба и партизаните.

„Партијата која идеологијата ја градеше со понижување на НОБ, на борците, партизаните, менување на нивното значење, бришење менување на имиња на улици, булевари и установи кои беа именувани по македонски партизани, партија која за време на режимот, ги исфрли на улица живите борци и ги остави без простории, нема никаков кредибилитет да зборува за НОБ и партизаните. Ништо ново од Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ. Секогаш, во сите клучни моменти за европската иднина, Мицкоски излегува во јавноста и се обидува да ги поткопува државните позиции, да ја кочи државата, да шири лаги и да подгрева тензии во јавноста. Но граѓаните одамна не веруваат во хистеријата што ја шири Мицкоски. Мицкоски нема чувство за тоа што е државен или национален интерес затоа што се води исклучиво од партискиот интерес. Затоа беше казнет од граѓаните и затоа уште долго ќе остане во опозиција“, наведе СДСМ.

Scroll to Top